ИДЕНТИФИКАЦИЈАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ЌЕ СЕ ПРАВИ ПРЕКУ ДНК, ВЕЛАТ ОД МВР ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА СО 45 ЖРТВИ ВО БУГАРИЈА

    ИДЕНТИФИКАЦИЈАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ЌЕ СЕ ПРАВИ ПРЕКУ ДНК, ВЕЛАТ ОД МВР ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА СО 45 ЖРТВИ ВО БУГАРИЈАТелата на жртвите се изгорени до непрепознатливост и идентификацијата ќе се врши со ДНК анализа. (Фото: ЕПА)

    Жртвите во страотната автобуска несреќа во Бугарија со 45 загинати, што се случи ноќеска во која изгоре автобус со македонски таблички, се изгорени до непрепознатливост според првичниот увид, и идентификацијата ќе се врши со ДНК анализа.  За тоа, според македонските истражни органи, Бугарија има врвна опрема.

    „Не се знае точно дали фирмата „Беса турс“ е само превозник, а организатор на турата е друга туристичка агенција и затоа треба да сме внимателни со тврдењата дури не се расчисти прво ова“, велат од МВР, каде има оскудни информации за трагедијата случена на странска територија.

    За сите информации е надлежно Министерството за надворешни работи (МНР).

    Истрагата ќе ја води Бугарското обвинителство. Но, на местото на несреќата веќе е тргната екипа од Крим техника од МВР за асистенција на тамошните истражни органи.

    Во моментов е невозможно ни оддалеку да се знае кои македонски граѓани биле во изгорениот автобус. Во турата имало 4 автобуси превезувани од иста туристичка агенција од Скопје, но постои можност патници да се менувале по желба со местата, од автобус во автобус. Затоа, велат нашите соговорници, не може засега да се зборува за список на загинати патници. Патниците на оваа екскурзија, според неофицијалните податоци, се од повеќе градови од Македонија.

    Преживеаните седум патници во сообраќајната несреќа се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи ги посети повредените во болницата „Пирогов“ , кажа дека сите се со полесни повреди.

    „Само еден од повредените има скршеница, но сите се во стабилна состојба, контактабилни, навремено згрижени. Повредените се членови на едно семејство од кои најмладото лице е 16-годишна девојка“, кажа министерот Филипче.

    Тешката несреќа се случи ноќеска пред два часот на магистрала Струма, во близина на Перник. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.

    Малку по полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата. Локалните власти кои ја истражуваат несреќата велат дека најверојатната причина е човечка грешка или техничка неисправност. Тие засега не можат да потврдат дали автобусот прво удрил во оградата, па се запалил или претходно настанал пожар во него.

    Автобусот е на фирмата „Беса транс“, регистрирана во село Рашче, Општина Сарај.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира