1.076 СВЕЌИ ГОРЕА НА КОНЦЕРТОТ НА ДУКЕ БОЈАЏИЕВ ЗА СПАС НА ОХРИД ОД 1.076 ДИВОГРАДБИ

    1.076 СВЕЌИ ГОРЕА НА КОНЦЕРТОТ НА ДУКЕ БОЈАЏИЕВ ЗА СПАС НА ОХРИД ОД 1.076 ДИВОГРАДБИБојаџиев му го посвети концертот на Охридското Езеро, а 1076-те свеќи гореа додека премиерно ја изведуваше композицијата „Охрид” со која го отвори концертот

    Музичарот и композитор Дуке Бојаџиев на синоќешниот концерт на Охридско лето ја повика публиката во полното гледалиште на сцената „Долни Сарај“ да запали свеќи како апел до надлежните да се спаси, како што рече, ова единствено место на планетата. Апелот на Бојаџиев е во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите кои му го загрозуваат статусот на Охрид како заштитено светско културно и природно наследство.

    Бојаџиев му го посвети концертот на Охридското Езеро, а 1.076-те свеќи гореа додека премиерно ја изведуваше композицијата „Охрид” со која го отвори концертот.

    На концертот со Бојаџиев и неговите долгогодишни соработници и чести гости на концертите, Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас и Костас Анастасиадис на тапани, како и актерката Наташа Петровиќ, вокал и нарација. Гости беа и Каролина Гочева, Бранко Николов од Фолтин и гитаристот Георги Шарески (Фото: Охридско лето)

    „Потекнувам од Скопје, но уште од дете, повеќе се чувствувам како дома во Охрид отколку во Скопје. Охрид е срцето на Македонија. Настапувањето во Охрид секогаш претставува голема возбуда за мене затоа што чувствувам некаква енергетска поврзаност со езерото, со градот, па и со луѓето бидејќи имам огромен број пријатели овде, и тоа пријателства што ги негувам уште од детството. Охридското езеро станува сė позагрозено. Ги повикувам сите структури во државата да направат сė што можат”, рече македонскиот музичар кој 18 години живее во САД.

    Уште од отворањето на Охридско лето на 12 јули, уметниците како Александар Поповски, Благој Нацоски, Весна Ѓиновска-Илкова, Ирена Кафкалевска, Наде Талевска-Спасовска и Влатко Стефановски испраќаат пораки и апели за спас на регионот.

    Градоначалникот на Охрид Константи Георгиески, претседателот на државата Стево Пендаровски со сопругата и директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ (Фото: Охридско лето)

    Од вкупно 1.076 дивоградби во Охрид, 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти, покажа посебниот Регистар на нелегалните градби што го изработи Општина Охрид за нејзината територија, согласно препораките кои беа нотирани од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира