ДРАМСКИ ТЕАТАР ЌЕ ОРГАНИЗИРА КОМЕМОРАЦИЈА ВО ЧЕСТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, ВО ДОГОВОР СО СЕМЕЈСТВОТО

    ДРАМСКИ ТЕАТАР ЌЕ ОРГАНИЗИРА КОМЕМОРАЦИЈА ВО ЧЕСТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, ВО ДОГОВОР СО СЕМЕЈСТВОТОСемејството на Горан Стефановски вчера соопшти дека ќе биде кремиран во Англија и дека пепелта, по негова желба, ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро (Фото: Од личната архива на Горан Стефановски)

    Драмски театар Скопје во соработка со други институции ја подготвува комеморацијата за драмскиот писател Горан Стефановски, кој почина завчера во Велика Британија на 66 години. Од Драмски велат дека датумот за комеморација ќе биде соопштен по пристигнувањето на семејството на Стефановски во Македонија.

    Семејството вчера соопшти дека телото на Стефановски ќе биде биде кремирано на 5 декември во Кентербери, Англија, а по негова желба пепелта во пригодна прилика ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро.

    „Драмски театар подготвува и серија настани со кои ќе се обидеме да доловиме бар сегмент од неговото творештво. Ќе бидат опфатени повеќе сегменти како изложба на фотографии од неговите претстави, интервјуа со Горан Стефановски, прикажување на снимки од театарски претстави, драматуршки разговори/работилници ’Дебар Маало и Горан’, а распоредот на настаните ќе биде објавен следната недела“, соопшти театарот каде беа поставен најголем број од култните драми на Стефановски.

    По реакциите во јавноста дека не се организираат настани во чест на Стефановски, кој е член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), ниту пак се прогласи ден на жалост, ниту на телевизиите се пуштија негови драми, Драмски театар е прва инстутиција која соопшти дека се планираат настани во чест на големиот автор. Телеграми со сочувство до семејството испратија претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми.

    Од Министерството за култура соопштија дека за време на 24.Меѓународен саем на книгата во Пула, Хрватска, од денес до 9 декември, Македонија ќе биде претставена како Земја во фокусот, и дека посебно внимание внимание ќе му биде посветено на творештвото на великанот Стефановски.

    Стефановски, е автор на легендарните, популарни и на над 20 јазици преведени драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира