ГОЛЕМАТА СЦЕНА НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР ЌЕ ГО НОСИ ИМЕТО НА БЛАГОЈ СТЕФАНОВСКИ-БАГЕ

    ГОЛЕМАТА СЦЕНА НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР ЌЕ ГО НОСИ ИМЕТО НА БЛАГОЈ СТЕФАНОВСКИ-БАГЕСтефановски почина на 3 декември на 67 години; - Од денешната комеморација. (Фото: СДК.МК)

    Големата сцена на Народниот театар во Битола ќе го носи името „Благој Стефановски-Баге“ во чест на актерот и поранешен директор на оваа театарска куќа кој почина на 3 декември годинава на 67 години, рекоа од Театарот на денешната комеморација.

    Стефановски (1953-2020) беше поранешен министер за култура, запаметен по тоа што најдолго остана на чело на Народниот театар од Битола, цели 22 години, кои беа златното доба по успесите и меѓународните гостувања, селектор и учесник на многу меѓународни фестивали.

    На комеморацијата писмото од директорот Иван Јерчиќ, кој беше отсутен поради здравствени причини, го прочита Илина Чоревска.

    „Детето сонувач за кое изгледаше дека со неверојатна леснотија се справува со сите предизвици. Нема да зборувам за факти, бројки или датуми, бидејќи многумина од вас овде многу повеќе од мене знаат за неговиот животен пат, придонес во театарската уметност и културата воопшто. Фактите се навистина нешто со кое најдобро се отсликува нечие постоење. Во случајот на Баге тоа беше жарот, безрезервната љубов и фаталистичкиот пристап кон театарот. Има цитат кој вели ‘најважната работа кај смртта на еден човек е неговата рефлексија кон животот’. Во таа смисла Баге не беше само актер, директор на Народен театар Битола, на Охридско лето, ‘Војдан Чернодриснски’, ‘Ристо Шишков’, министер за култура, почесен претседател на НЕТА, Баге беше театарот“, прочита Чоревска.

    Толку беше голем бројот на писма со сочувство што стигнаа до Театарот во Битола, што од сцена се читаа скоро еден час, а за делото на Баге лично се произнесоа и негови соработници.

    „Овде никогаш не сме умееле луѓето кои се особени, успешни, што ни вредат да ги истакнеме, да ги наградиме да ги презентираме како модел за следните генерации. Повеќе би сакале ако можеме да ги сотреме, да ја поништиме нивната трага, да ги компромитираме, политички да ги изолираме и евентуално да ги осудиме. Покрај тагата, имам една горчина затоа што беше принуден многу работи да направи наспроти инерцијата на малата средина и градската управа, наспорти скепсата на метрополата, наспроти анемичноста на владите во однос на културата, наспроти често недоволната поддршка на Министерството за култура, наспроти сѐ“, напиша во прошталното обраќање режисерот и поранешен министер за култура Слободан Унковски.

    Со грмогласен аплауз публиката го испрати Баге, како што рекоа, меѓу великаните на театарот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира