ГРЧКО-МАКЕДОНСКА ФИЛМСКА КОПРОДУКЦИЈА ЗА ПРВПАТ ПОДДРЖАНА ОД ЕВРОПСКИОТ ФОНД ЕУРИМАЖ

    ГРЧКО-МАКЕДОНСКА ФИЛМСКА КОПРОДУКЦИЈА ЗА ПРВПАТ ПОДДРЖАНА ОД ЕВРОПСКИОТ ФОНД ЕУРИМАЖ„Од финансиски аспект, копродукцијата не е потврдена од македонската страна бидејќи Агенцијата за филм на РСМ сѐ уште не ги објавила резултатите од јануарскиот конкурс за 2020 година. И покрај тоа, овој проект беше поддржан од претставниците на сите држави-членки на Еуримаж“, вели националниот претставник на Република Северна Македонија во Еуримаж Татјана Ќурчинска-Пепељугоска. (Фото: Приватна архива)

    Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж ја поддржа и првата грчко-македонска филмска копродукција, „Зад стоговите сено“ (“Behind the Haystacks”) во режија на младата грчка режисерка Асимина Проедроу. Поддржана е со 160.000 евра.

    Националниот претставник на Република Северна Македонија во Еуримаж Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, која редовно учествува во работата на Фондот, учествуваше на последната сесија на европскиот филмски фонд Еуримаж, чиј календарски термин е 22-27 јуни, на која се евалуираа 56 копродукциски филмски проекти, а како што објави Еуримаж, од нив само 26 добија финансиска поддршка од фондот.

    „Зад стоговите сено“ е копродукција меѓу Грција и Германија, каде како копродуцент заедно со носителот од грчката страна е и македонската продуцентска куќа „Сектор филм“ од Скопје. Ова е прв филмски проект меѓу продуцентите од Грција и Северна Македонија во соработка со Германија кој доби финансиска поддршка од Еуримаж, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    „Од финансиски аспект, копродукцијата не е потврдена од македонската страна бидејќи Агенцијата за филм на РСМ сѐ уште не ги објавила резултатите од јануарскиот конкурс за 2020 година. И покрај тоа, овој проект беше поддржан од претставниците на сите држави-членки на Еуримаж“, вели  Ќурчинска-Пепељугоска.

    На претходната, мартовска сесија, Еуримаж додели грант на македонскиот проект „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, копродукција меѓу Македонија и Србија.

    Се очекува македонските продуценти и филмски работници да станат поприсутни во европските копродукции откако на на 1.10.2020 година ќе стапи во сила, Ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција поради бројните олеснувања што таа ги пропишува. Со оваа Конвенција, македонските филмски работници ќе може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции , наместо како што беше досегашна пракса, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира