МАКЕДОНЕЦОТ Е СРЕЌЕН ШТО ГО ИМАШЕ БЛАЖЕ КОНЕСКИ КОГА ЈА ИЗВОЈУВА СЛОБОДАТА, РЕЧЕ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА СВЕЧЕНОСТА ЗА 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ВЕЛИКАНОТ

    МАКЕДОНЕЦОТ Е СРЕЌЕН ШТО ГО ИМАШЕ БЛАЖЕ КОНЕСКИ КОГА ЈА ИЗВОЈУВА СЛОБОДАТА, РЕЧЕ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА СВЕЧЕНОСТА ЗА 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ВЕЛИКАНОТПрофесорот Људмил Спасов, академик Урошевиќ и архиепископот г.г. Стефан на денешната свеченост во МАНУ. (Фото: К. Попов)

    „Блаже Конески беше ренесансна појава, и научник и уметник на зборот, спој на рационална мисла и на емотивен изблик. Такви луѓе во ниту една култура не се раѓаат секој ден. Во еден мал по бројност народ, добро е и ако се појавуваат еднаш во векот. Македонскиот народ имаше среќа да има свој припадник во мигот кога му беше најпотребен“, рече академик Влада Урошевиќ на денешниот свечен собир во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

    Македонија цела 2021 година ја слави 100-годишнината од раѓањето на еден од кодификаторите на македонскиот јазик. Конески е роден на 19 декември 1921, а почина на 7 декември 1993 година.

    Сестрано обдарена личност, интелектуалец со широки погледи, со солидно лингвистичко образование, со своја визија за идниот развиток на македонскиот јазик, Конески беше вистински човек појавен во вистинско време, кажа академик Урошевиќ.

    „Со еден извонредно среќен стек на околности, во еден пресуден и драматичен миг на историјата, се вкрстија личниот животен пат на Блаже Конески и текот на настаните што ја определуваа натамошната судбина на македонскиот народ. Тоа беше кон крајот на Втората светска војна и во првите години непосредно потоа. Сеедно што мислиме за улогата на поединецот во историјата, дали таа е однапред определена од некаков религиозно или не, сфатен пандетерминизам или дека и волјата на поединецот има свој удел во нејзиниот натамошен правец на развојот, мораме да признаеме дека за македонскиот народ беше исклучително значајно тоа што во моментот кога тој со сопствени сили ја извојува слободата, во првите редови на неговата интелектуална предводница се најде една појава каква што е Блаже Конески“, рече меѓудругото академик Урошевиќ.

     

    Меѓу гостите беа и академик Зузана Топољинска, архиепископот г. г. Стефан, професорот и дописен член на МАНУ Марјан Марковиќ, академик Таки Фити и академик Владо Камбовски. (Фото: К. Попов)

    На собирот говореше и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) Никола Јанкуловски, кој рече дена ниту еден друг универзитет во светот освен Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје немал предавач, професор и ректор кој во изминативе децении остварил толкав влог во националната наука, култура и уметност, колкав што е влогот на Конески.

    Поминаа сто години од раѓањето на великанот, и како што рече Јанкулвски, доблесно е сите да се запрашаме, „Се роди ли нов Конески ?“. За љубов на вистината, посочи тој, мора да признаеме дека одговорот на ова прашање не е потврден.

    Јанкуловски додаде дека по заминувањето на човекот кој одбележа цела епоха на современата македонска култура и наука во државата, сѐ уште „не се пројави друг придвижник, научник и творец, со толку темелито научно и уметничко дело“.

    „Дај боже на секои сто години да ни се раѓа по еден Блаже Конески. Но, сѐ уште нема друг кој едновремено има остварено толкав влог во македонската наука, култура и уметност, а со тоа и влог во македонската држава, како што стори Конески“, кажа ректорот на УКИМ.

    Во вториот дел од свеченоста беше претставено уметничкото и научното дело на  Конески во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ.

    Се работи за 12 тома со целокупните дела на Блаже Конески, а соодветните томови ги претставија професорите Венко Андоновски, Наташа Аврамовска, Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска.

    Денеска беше промовирана и веб-страницата со дигиталните изданија на објавените томови од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески“, што ја подготви Истражувачкиот центар за реална лингвистика при МАНУ.

    Во организација на Министерството за култура, вечерва во 19 часот во Филхармонијата ќе се одржи завршната манифестација со која ќе биде заокружено чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

    Оркестарот ќе изведе концерт инспириран од творештвото на Конески, а меѓу делата кои ќе се изведат се „Молитва“ од Тодор Скаловски и „Записи“ од Томислав Зографски. Оркестрацијата е на Ангел Спировски, ќе пее баритонот Горан Начевски.

    Во фоајето на Филхармонијата, ќе биде поставена изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата (СВП). Влезот за концертот е слободен.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира