Со македонската премиера на наградуваниот краток филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, а потоа и со премиерата на бугарско-македонската копродукција „Насоки“ на на бугарскиот режисер Стефан Командарев, прв од филмовите во официјалната селекција, утревечер во 20 часот почнува програмата на 38. Издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе трае до 30 септември.
„Крајот на времето“ на Манчевски, снимен во Куба, е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.
„Крајот на времето е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во киносала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин, вели Манчевски.
На затворањето од фестивалот на 30 септември на Манчевски ќе му биде врачена специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Филмот „Насоки“, чијшто кинематографер е Веселин Христов, е современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде што во шест такси-возила се испреплетуваат судбините на група луѓе – херои од сегашната балканска реалност. Во тоа деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на овие простори. Копродуцент на овој филм кој беше прикажан во официјалната програма Извесен поглед во Кан, е „Сектор филм“ на продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
На отворањето ќе му биде врачена Златната Камера 300 за животно дело на годинашниот лауреат Пјер Лом, легендарниот француски и светски кинематографер. Вториот добитник на наградата за животно дело, славниот италијански кинематографер Џузепе Ротуно, поради поодмината возраст не можеше да дојде во Македонија, но негов претставник ќе ја прими Златната Камера 300 за животно дело.
На отварањето на фестивалот ќе се одржи и перформанс во режија на Нела Витошевиќ. Кореограф е Искра Шукарова, а ќе настапат актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска, Денис Абдула, танчерот Агим Бафтии и студените од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје. Костимите и сценографијата се на Розе Трајчевска и Влатко Чачоровски.
38-то издание на „Браќа Манаки“ има 10 различни филмски програми, 13 филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, меѓународното жири го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.