МИЛЧО МАНЧЕВСКИ СТАВЕН НА ПОСТЕРИ ВО ШАНГАЈ

    МИЛЧО МАНЧЕВСКИ СТАВЕН НА ПОСТЕРИ ВО ШАНГАЈВо рамките на првото сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто Манчевски е и во жирито на јубилејното 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај (Фото: С-Прес)

    Со постери низ Шангај, распродадени проекции и барање билет повеќе за мастеркласот минува гостувањето на режисерот Милчо Манчевски во Шангај, Кина, кој добива големи почести и медиумско внимание при првото сеопфатно претставување на македонски уметник во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика, покана неповрзана со македонското Министерство за култура.

    Манчевски на постер во Шангај (Фото: С-Прес)

    Во тек е циклус проекции на филмовите на Манчевски на јубилејното 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај, еден од најголемите фестивали во Азија. Манчевски е исто така и во жирито за главната награда на фестивалот. На 24 јуни тој ќе одржи и мастерклас при универзитетот во Шангај, а на 26 јуни се отвора изложбата фотографии и се промовира негова книга што е издадена во Кина.

    Од гала отворањето на фестивалот во Шангај (Фото: С-Прес)

    Како што соопшти публицистот С-Прес, организаторите велат дека има огромен интерес за филмовите, кои се прикажуваат со по три проекции, а сите се распродадени. Исто така распродадени се и влезниците за мастеркласот под наслов „Збор, слика и време“ во Кинескиот музеј на уметноста.

    Плакат за мастеркласот под наслов „Збор, слика и време“ во Кинескиот музеј на уметноста (Фото: С-Прес)

    Филмовите на Манчевски се предаваат на универзитеттите во Пекинг, Шангај и Чонкинг. Организаторите велат дека на проекциите и за мастеркласот доаѓаат студенти и од други градови во Кина, кои кажуваат дека нивните професори постојано им го прикажувале „Пред дождот“ и со овој филм ги учеле за филмска структура.

    Плакат за изложбата на фотографски пентаптихови на Манчевски под наслов „Сонувајќи ги ву јан песните“, според песните со пет кинески букви од династијата Танг (Фото: С-Прес)

    Присуството на Манчевски во Шангај е забележано и со голем одглас во медиумите, проследено со бројни најави и интервјуа.

    Инаку, „Пред дождот“ беше прв македонски филм прикажан во Кина и наиде на голем успех. Овој филм има култен статус во Кина, особено во академската средина каде се изучува како пример на наративната структура. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој.

    Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава „Пред дождот“ „како библија во филмската нарација во три чина“.

    На 26 јуни, галеријата при шангајската „Хсинхуа паблишинг груп“ организира изложба на фотографски пентаптихови на Манчевски под наслов „Сонувајќи ги ву јан песните“, според песните со пет кинески букви од династијата Танг.  По тој повод, „Хсинхуа“ издава и книга со фотографии и есеи на Манчевски.

    Во Македонија, пред две недели актуелна беше реакцијата на Манчевски дека Кинотеката на Македонија не сака да ги прати во Шангај ДЦП копиите од неговите филмови, на што Кинотеката одговори дека тој има свои копии и треба сам да си ги прати.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари