Драмскиот театар, Музејот на Македонија и Музејот на современа уметност се поплавени од дождот што врне изминативе два дена. Протекување на кровот и оштетувања од дождот има и во Театар комедија, Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, Центарот за култура во Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, Конзерваторскиот центар во Гостивар, Музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево, а во археолошкиот локалитет Стоби постои опасност од изливање на Црна Река, соопшти Министерството за култура, кое најави итна санација на оштетувањата.
Министерот Роберт Алаѓозовски и заменик-министерот Владимир Лазовски денеска беа на увид за штетите во Драмскиот театар, Музејот на Македонија и Музејот на современа уметност, а констатирано е дека културните установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за условите во нив.
Министертвото испратило и допис до сите национални установи да направат итен увид во состојбите на нивните објекти, и да предложат решенија за ургентна санација и за подолгорочни решенија за состојбите.