Дваесет и еден настан ќе има на 44. издание на Млад отворен театар (МОТ), кој ќе се одржува од 13 до 21 септември во Младинскиот културен центар (МКЦ), Националната опера и балет (НОБ), кино Фросина, Кино Култура, Железничка зграда, Театар Комедија, Драмски театар и во Велелешкиот театар.
В. д. директорот на МКЦ, Русе Арсов најавувајќи ја програмата на фестивалот, рече дека ќе се изведат претстави од осум држави, а дека буџетот е 6,5 милиони денари, од кои 3 милиони се од Град Скопје.
Фестивалот се отвора со победникот на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор „Оваа зграда (на)вистина зборува“ во МКЦ во 20 часот. По отворањето следува „Девојчето со жиците“ на малата сцена на НОБ. Драма-опера напишана од Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска за виолинистка, која патува со воз низ Европа.
Словенско младинско гледалишче со новиот проект на Томи Јанежич „Сè уште без наслов“ кој трае повеќе од десет часа доаѓа в сабота во киното Фросина од 11 часот .Третата фестивалска вечер на МОТ, 15 септември почнува со „Трите сестри“ од Васил Христов, продукција на Турски театар. По неа програмата продолжува во Кино Култура со два перформанси од проектот „Што е кореографија?“ на центарот „Локомотива“.
Танцовиот перформанс „Човековиот срам“, првично изведен во затворот во Матера, Италија е закажан за четвртиот ден на МОТ, 16 септември. Петтата фестивалска вечер е за авторот и режисер Борут Шепаровиќ со жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“. По неа, на малата сцена на НОБ, ќе се изведе „Бакхи“ на Битолски театар, во режија на Игор Вук Торбица.
Железничката зграда ќе биде домаќин на шестиот ден на МОТ за проектот „Сè е во парите“ во режија на Борис Бакал, а потоа е романската „Момчињата на Медеја“на малата сцена на НОБ, во продукција на „Аполло 111 Театар“. Вечерта ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“ на Прилепски театар, во режија на на Зоја Бузалковска со музика на „Фолтин“ . „Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин ќе се изведе во Велешкиот театар на 19 септември.
Португалската театарска компанија „Арена Енсамбле“ ја отвара седмата фестивалска вечер со претставата „Привремени фигури“ во МКЦ. По неа следува премиерата на „Несоодветно за работа“ на Драмски театар во режија на Доналд Ворен Мофет.
МОТ ќе заврши со „Чист град“ од експерименталната сценан а Националниот театар во Атина – Анестис Азас и Продромос Циникорис.
Во придружната програма на фестивалот ќе настапи хрватскиот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за Греми, „кумови“ на алтернативното кабаре – „Тајгер лилис“ со едно посебно шоу, славејќи 30 години во бизнисот.
Цената на билетите за сите претстави до 12 септември е 200 денари, а за „Тајгер лилис“ по 350 денари. Се продаваат на билетарницата во МКЦ и онлајн на билети.мкц.мк. Билетарницата во МКЦ ќе работи секој ден од 13 до 20 часот.
Арсов рече дека билетите за „Сѐ уште без наслов“ се распродадени. Од 13 септември, билетите за сите претстави ќе чинат 300 денари, а за „Тајгер лилис“ по 500 денари.
За претставата „Злосторството на 21 век“, која се игра во Велешкиот театар, цената на билетите ќе биде 200 денари со организиран автобуски превоз од Скопје. За оние што немаат потреба од организиран автобуски превоз, цената на билетите е 100 денари само на касата на Велешкиот театар или со резервации на или на [email protected] или на 043231750.
Б. НЕСТОРОСКА