РАЗОЧАРАНА СУМ ШТО СЕ БАРААТ НЕРЕАЛНО ГОЛЕМИ СУМИ И ШТО ИСТИ ЛИЦА СИ КОНКУРИРААТ САМИ НА СЕБЕ, РЕЧЕ СТЕФОСКА ПРЕТСТАВУВАЈЌИ ЈА ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА КУЛТУРА ВРЕДНА 11 МИЛИОНИ ЕВРА

    РАЗОЧАРАНА СУМ ШТО СЕ БАРААТ НЕРЕАЛНО ГОЛЕМИ СУМИ И ШТО ИСТИ ЛИЦА СИ КОНКУРИРААТ САМИ НА СЕБЕ, РЕЧЕ СТЕФОСКА ПРЕТСТАВУВАЈЌИ ЈА ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА КУЛТУРА ВРЕДНА 11 МИЛИОНИ ЕВРА„Забележавме дека дека исти лица си конкурираат сами на себе, и така конкурсот ја изгуби смислата на натпревар“, рече министерката. (Фото: К. Попов)

    „Им честитам на членовите на комиcиите за нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои беа изложени и за држењето докрај до принципите“, рече денеска во Владата министерката за култура Ирена Стефоска, при претставувањето на резултатите од  Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година.

    Во Министерството за култура перидов контрола врши Секторот за финансиска инспекција, откако Владата на 9 февруари одлучи да се стопираат проектите од културата за 2020 година, кога министер беше Хусни Исмаили.

    Претседатели на комисиите кои ги разгледувале пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Фирдауз Неби; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Емин Гаџа; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Јане Бакевски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Љуљета Абази; за музејска дејност – Фросина Зафировска и за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

    На конкурсот стигнале рекордни 6.352 проекти, а вкупниот буџет е 11 милиони евра.

    „Сакам да нагласам дека буџетот ни е намален за 3 милиони евра од причини за недомаќинско работење во минатото. Значи, доделени се толку средства со колку што располагавме, односно 11 милиони евра и ние нема да го пречекориме овој буџет. Од овој момент одговорноста е моја. Морам да кажам дека сум разочарана што дел од апликантите побарале непристојно големи суми и што побарале средства за проекти кои поради пандемијата на ковид-19 тешко дека ќе може да се реализираат. Исто така, забележавме дека исти лица си конкурираат сами на себе, и така конкурсот ја изгуби смислата на натпревар. Некои конкурираа со копи-пејст проекти, со кои веќе конкурирале. Исто така, имаше нецелосно пополнети апликации и затоа мора да работиме на висока свест за отчетност. Разочарана сум што има корисници кои се извештиле да го надмудруваат конкурсот, односно се протнуваат низ дупките на системот“, рече министерката.

    Таа кажа дека критерумите беа квалитетот, релевантност, поддршка на млади и оригинални автори, маргинални групи и тоа со реално вреднување на трудот.

    „Мултикултрноста е срцето на нашата земја, но мора да се одлучува по квалитет, а не припадник на етничка заедница. Ме радува фактот дека има проекти за деметрополизација на културата, овој конкурс не може да ги реши сите проблем, но ова е првиот чекор за усовршување на целиот систем. Зазедовме став за една суштинска позиција. Тоа се наследени лоши навики“, кажа Стефоска.

    • Седумдесет и три претстави со вкупен буџет од 53.805.640.се поддржани во националните театри во земјава според Годишната програма за култура за 2021.
    • Најголем буџет има претставата „Вишновата градина“ на режисерот Владимир Милчин за во Турски театар, 2,1 милиони денари, па претставата на Зоја Бузалковска за во Драмски театар, 1, 9 милиони денари и проектот од 1,6 милиони денари на Марјан Неќак во Македонскиот народен театар (МНТ).
      Четири претстави ќе режира Драгана Милошевски-Попова (една е префрлена од лани), три Синиша Евтимов,  по две претстави имаат  Коле Ангеловски и Љупчо Ѓорѓиевски, како и Васил Христов. Едниот проект на Христов, „Магнолија“ во МНТ ,почна да се спрема во сезоната 2019/2020 и префрлен е за годинава.
    • По подолго време со премиера во Македонија се враќа Дејан Пројковски, кој во Драмски ќе ја постави „Пет часа со Марио“. Во 2018, инспектори од одделот за организиран криминал од Министерството за внатрешни работи по налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство, започнаа истрага за Пројковски. Тој беше директор на МНТ од 2015-2017, а претходно 4 години беше уметнички директор. Сега е вработен како режисер во МНТ. Резулатите од истрагата до денес не се објавени.
    • Во музичко-сценската дејност, Националната опера и балет (НОБ) доби 3.386.346 денари за Мајските оперски вечери (МОВ), а фестивалот Охридско лето е поддржан со 20 милиони денари.
    • Во музичата област поддржани се 115 проекти, во вредност од 39.400.723 денари. Во ставките на НОБ, меѓу другото е наведено дека ќе има премиера на претстава на мала сцена од алтернативен карактер (500 илјади денари) и премиерата на операта „Палјачи“ од 2 милиона денари.
    • Во проектите на Филхармонијата се насловени концертите, па така на пример има и концерт посветен на Нина Спирова, „Данте 700“, „Аргентинска гитара“.
    • Кај музичките манифестации од национален интерес поддржани се Скопски џез фестивал со 3.2 милиони денари, Офф-фест со 2.01 милиони денари, Алегрето од Тетово има добиено 2.22 милиони денари за „Сцена на албанската музика“, Танц фест Скопје со 1.65 милиони денари, Таксират со 1.8 милиони денари, Д фестивал со 2.01 милиони денари и Интерфест Битола со 1.65 милиони денари, Макфест со 1,35 милиони денари и Денови на македо ската музика со 1,08 милиони денари.
    • Во музејската област се поддржани 219 проекти со 30. 686.750 денари. Меѓу проектите се наведени изложбата „Африкански лица“ во Музејот на Северна Македонија, Конзервација и реставрација на 37 мозаици и 5 графити од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, истражување на колекцијата на цртежи на Музејот на современа уметност (МСУ), како и ретроспективна изложба на Петар Хаџи-Бошков.

    Стефоска на крајот од пресот апелираше дека треба што е можно побрзо да се донесе новиот Закон за јавен интерес кој го очекуваат 3.500 корисници. Исто така, нагласи дека роковите за завршување на проектите ќе бидат пролонгирани, бидејќи се земени предвид условите со пандемијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира