На 3 септември ќе почне новата концертна сезона 2020/2021 на Филхармонијата, откако беше одобрен протоколот за заштита од ковид-19 од Комисијата за заразни болести. Со одлука на Владата, од 10 март се затворија сите воспитно -0бразовни институции и културни установи како превентивна мерка за заштита од ширење на коронавирусот.
На првиот концерт по пауза од неколку месеци, ќе се изведе ремек-делото за два гласа и оркестар „Песни за земјата“ од Густав Малер. Диригент е Габриел Бебешелеа (Романија), а солисти се Корби Велч – тенор (САД) и Хеике Веселс – мецосопран (Германија).
За да се испочитуваат протоколите, капацитетот на салата ќе биде искористен само 30 отсто, публиката ќе седи на дистанца, а ќе се продаваат само парните редови во салата. Музичарите кои ќе свират исто така ќе бидат распоредени согласно параметрите кои ги налага Комисијата за заразни болести.
Билетите ќе се продаваат во ограничен број онлајн на веб страната на Филхармонија и ќе чинат 800 денари.
Б. НЕСТОРОСКА