ТЕОНА МИТЕВСКА ВО ШТИП СНИМА НОВ ФИЛМ ИНСПИРИРАН ОД ЖЕНАТА ШТО ГО ФАТИ КРСТОТ НА ВОДИЦИ ВО 2014

    ТЕОНА МИТЕВСКА ВО ШТИП СНИМА НОВ ФИЛМ ИНСПИРИРАН ОД ЖЕНАТА ШТО ГО ФАТИ КРСТОТ НА ВОДИЦИ ВО 2014Во центарот на Штип се снима „Господ постои нејзиното име е Петрунија“, петтиот игран филм на Теона Стругар Митевска (лево), инспириран од настанот на Водици 2014, кога Борислава Васкова го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село (десно) (Фото: СДК.МК)

    Во Штип почна да се снима „Господ постои нејзиното име е Петрунија“, петтиот игран филм на Теона Стругар Митевска, инспириран од настанот што се случи на Водици 2014, кога жена го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село.  Инспирацијацијата е од случајот и христијанското табу  и дилеми дека жена не треба да се фрла по светиот крст исто како што не може да влегува во олтарот во црква.

    Режисерката Митевска  првите денови од снимањето на филмот во Штип се држи на дистанца и не открива детали за него.Техничкиот менаџер Елена Станишева рече дека филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“ и е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, како и од националните филмски фондови на Словенија, Белгија и Хрватска

    „Продуцент на филмот е Лабина Митевска, директор на фотографија Вирџини Сант Мартин, а главната улога на Петрунија ја игра актерката Зорица Нушева . Другите детали ќе бидат соопштени наскоро на посебна прес конференција“, вели Станишева, која истовремено се заблагодарува на граѓаните на Штип за вниманието и толеранцијата, затоа што за време снимањето локациите се обезбедени од минувачи.

    Како што беше претходно објавено, „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ доби поддршка од од 224 илјади евра од најголемиот европски  копродукциски филмски фонд Еуримаж, а буџетот на филмот е милион и триста илјади евра. Ова е четврти  филм на Митевска со поддршка од Еуримаж. Македонската агенција за филм даде 487.000 евра, а филмот го помогнаа и Белгискиот филмски фонд, Хрватскиот филмски фонд и Словенија. Сценариото е на Теона Митевска и Елма Татарагиќ и ќе се снима целосно во Македонија, во траење од шест недели.

    Како што неофицијално дознаваме, филмот всушност го носи измисленото име на жената која пред 4 години го фати крстот.  Снимањето на филмот во Штип ќе трае до први март и тоа на повеќе локации во градот. Денеска се снимаше во центарот на Штип, на просторот околу културно-историскиот објект Безистен, а вчера првите кадри беа направени  во штипско Ново Село  за време фрлањето на крстот на истото место како пред 4 години кога крстот го фати жена, 31-годишната Борислава Васкова.

    Тогаш беше објавено дека  првпат во историјата на Штип и пошироко крстот го фати жена. Васкова беше најуспешна во конкуренција на 40 момчиња. Но се случи на очиглед на присутниот народ крстот од нејзините раце насилно да ѝ биде одземен од другите момчиња во реката. Подоцна, свештениците објавива дека крстот прв успеа да го фати верникот Васкова за што од Епархијата и од градоначалникот доби награди. Но, потоа некои свештени лица добиле големи забелешки и укор.

    Не успеавме да стапиме во контакт со Борислава Васкова, која тогаш без да биде пријавена дека ќе скока по крстот во студентите води на Брегалница одлучила да се фрли и успеа да го фати крстот. Тогаш изјави дека како верник е пресреќна и на сите им посака здравје. Нејзини пријателки велат дека таа и денес нема никакви предрасуди за тој чин и смета дека верниците без разлика на пол имаат право на тоа, па затоа и самата се одлучила на тоа.

    Т. ЈОВАНОВСКИ 

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари