ТРСТ ГО НАГРАДИ МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ЗА ПРИДОНЕС КОН СВЕТСКИОТ ФИЛМ

    ТРСТ ГО НАГРАДИ МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ЗА ПРИДОНЕС КОН СВЕТСКИОТ ФИЛМ„Ме поканија да го одбележиме нивниот 30-годишен јубилеј со 'Пред дождот'. Мислев дека одам во Италија на разговор со публиката и на добра паста, ама организаторите ми спремиле изненадување со наградата“, рече Манчевски во Трст (Фото: Трст филм фестивал)

    Македонскиот филмски режисер Милчо Манчевски ја доби наградата Источна ѕвезда (Eastern Star) за придонес кон светскиот филм на јубилејниот 30. Филмски фестивал во Трст, Италија. Досегашни добитници на оваа награда се актерските ѕвезди Моника Белучи, Ирен Жакоб и Раде Шербеџија.

    Без претходна најава, раководството на фестивалот му подготви пријатно изненадување на Манчевски поканувајќи го на сцената за време на свеченото затворање за да му ја врачат наградата.

    „Ме поканија да го одбележиме нивниот 30-годишен јубилеј со ‘Пред дождот’. Мислев дека одам во Италија на разговор со публиката и на добра паста, ама организаторите ми спремиле изненадување со наградата“, рече Манчевски.

    Во чест на Манчевски беше прикажан неговиот најнаградуван филм „Пред дождот“ кој го освои „Златниот лав“ на филмскиот фестивал во Венеција во 1994, беше номиниран за Оскар и освои уште 30 меѓународни награди, а „Њујорк тајмс“ го вброи меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња.

    Манчевски ја прифати поканата да биде почесен гостин на фестивалот, но не очекувал награда оти само му било најавено дека ќе биде прикажан „Пред дождот“ токму на јубилејното издание. Проекцијата на овој класик беше распродадена, а авторот поздравен со неколкуминутен аплауз.

    Во 2012 на Манчевски во Трст му беше врачена престижната награда Централноевропска иницијатива за филмот „Мајки“ што го отвори фестивалот, а авторот одржа и предавање и мастерклас насловени „Од збор до филм – уметност и занает на режијата“.

    Манчевски на крајот на минатата годин го заврши снимањето на неговиот шести филм „Врба“, што сега е во монтажа, и со кој по 8 години повторно снимаше во Македонија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари