УНГАРСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР МАРСЕЛ РЕВ ПОБЕДИ НА „БРАЌА МАНАКИ“ СО „МЕСЕЧИНАТА НА ЈУПИТЕР“

    УНГАРСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР МАРСЕЛ РЕВ ПОБЕДИ НА „БРАЌА МАНАКИ“ СО „МЕСЕЧИНАТА НА ЈУПИТЕР“Лауреатите на 38. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола (Фото: „Браќа Манаки“)

    Унгарскиот кинематографер  Марсел Рев е победник на 38 издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола,  ја освои Златната камера 300 за филмот „Месечината на Јупитер“ на Корнел Мундруцо. Тој триумфираше во конкуренција од 13 филмови. Меѓународното жири предводено од норвешкиот кинематографер Пол Рене Ростад му ја додели наградата поради „визуелната енергија и исклучителна креативност во пренесувањето на приказната за бегалецот од Сирија низ слики“.

    Сребрената камера 300  ја доби Германецот Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, на Фатих Акин, затоа што како што рече жирито, „неговата камера понуди визуелна поддршка и совршено засилување на секое мало дејствие во сценариото, ненаметливо придонесувајќи кон емоционалната рамнотежа“.

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на затворањето му ја врачи Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска кинематографија на славниот македонски режисер Милчо Манчевски (Фото: „Браќа Манаки“)

    Бронзената камера 300 ја доби македонскиот кинематографер Дејан Димески  за филмот „Жаба“ на Емир Јукиќ, затоа што „се справил со предизвикот на раскажување на приказна во многу ограничен простор, наоѓајќи го идеалното растојание помеѓу камерата и изведбата на актерите“.

    Оваа година покрај главните награди, жирито му додели специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев, за филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј пастувот во домот за стари лица“, во режија на Александар Хант.

    Малата Камера 300 ја освои Наум Доксевски, кој го сними македонскиот краток филм на Горан Столевски  „Види ја ти неа“, за една млада девојка што ги крши правилата на едно патријархално општество.

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на затворањето му ја врачи Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска кинематографија на славниот македонски режисер Милчо Манчевски. Алаѓозовски рече дека дека му ја предава оваа награда на Манчевски од сѐ срце, бидејќи неговите филмски истражувања и критики кои ги пишувал порано, во голем дел биле посветени токму на творештвото на овој режисер.

    Манчевски апелираше културата „да не ја туркаме меѓу некролозите и малите огласи“.

    „Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно културата е она што човештвото го прави човештво “, рече Манчевски.

    Тој искажа огромна почит за директорот на „Манаки“ Благоја Куновски – Доре, кој се разболе по отворањето. „Ако некој придонесува квалитетот да биде единствен критериум при вреднување на делата, тоа е сигурно Доре“, рече Манчевски и додаде дека со Куновски се видел пред неколку дена и дека му поскал да закрепне што поскоро за да почне веднаш да го подготвува следното издание на фестивалот.

    Битолчани не паметат проскормно издание на фестивалот во последните десетина година, без помпа, гламур и фестивалска атмосфера. Ваквиот впечаток се потврди и на црвениот тепих при синоќешното затворање. Поминаа малку гости, претежно кинематогрферите од филмовите во конкуренција и други филмаџии вклучени во фестивалот, а многу малку битолска публика. Салата внатре беше полупразна, а дел од присутните заминаа по доделувањето на наградите.

    Ако се имаат во предвид перипетиите низ кои поминаа организаторите од Друштвото на филмски работници годинава (ДФРМ), не може ни да им се замери. Паралелно здружение им конкурираше за да го организира „Браќа Манаки“ и поминаа месеци додека се докажаа вистинските организатори, институциите предводени од претходната власт им ја одолговлекоа исплатата на потребните средства и на крај на отворањето се разболе директорот Благоја Куновски – Доре.

    Министерот Алаѓозовски на затворањето вети континуирана поддршка за „Браќа Манаки“.

    „Министерството за култура му дава суштинска поддршка на фестивалот. Тоа го демонстриравме и неодамна кога помогнавме да се исправи една неправда и тој да се врати во организација на Друштвото на филмските професионалнци работници. Ќе го поддржиме и идната година и ги охрабруваме филмските работници да направат уште поамбициона програма“, рече Алаѓозовски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира