ЗЛАТЕН ЛАВ ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СЕТА УБАВИНА И КРВОПРОЛЕВАЊЕТО“ НА ОСКАРОВКАТА ЛОРА ПОИТРАС

    ЗЛАТЕН ЛАВ ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СЕТА УБАВИНА И КРВОПРОЛЕВАЊЕТО“ НА ОСКАРОВКАТА ЛОРА ПОИТРАСПоитрас освои Златен лав за епскиот документарец за фотографката Нан ​​Голдин и нејзиниот активизам против семејството Саклер. (Фото: АП)

    „Сета убавина и крвопролевањето“, епскиот документарец на Лoра Поитрас за фотографката Нан ​​Голдин и нејзиниот активизам против семејството Саклер и нивните уметнички врски, освои Златен лав за најдобар филм на 79. филмски фестивал во Венеција што заврши синоќа. Поитрас, американска режисерка која освои Оскар за документарецот за Едвард Сноуден „Ситизенфор“, му се заблагодари на фестивалот што призна дека „документарецот е филм“.

    Сребрен лав-Гран при на жирито освои „Светецот Омер“ на Алис Диоп, наративното деби од режисерката документаристка, за млад романсиер кој го следи судењето на жена обвинета за чедоморство. Диоп освои и награда за најдобро деби.

    Кејт Бланшет и Колин Фарел ги освоија главните актерски награди. Бланшет победи за улогата на позната диригентка во „Тар“ на Тод Филд, а Фарел за улогата на човек кој раскинува со долгогодишен пријател во „Тажачките на Инишерин“ на Мартин Мекдона.

    „Ви благодарам многу, ова е огромна чест“, рече Бланшет, која штотуку се врати во Венеција од филмскиот фестивал Телјурајд во САД каде што играше и филмот. Нејзината изведба како успешна жена во светот на музиката чија репутација е под закана доби речиси универзално признание.

    „Шокиран сум што го добив ова и воодушевен сум“, рече Фарел во видеопорака во живо. Мекдона ја прими неговата награда пред самиот да освои награда за најдобро сценарио.

    Лука Гвадањино доби Сребрен лав за најдобра режија за канибалската романса „Коски и сè“ со Тимоти Шаламе и Тејлор Расел, која освои награда за најдобра млада актерка.

    Жирито додели и специјална награда за „Без мечки“ на затворениот ирански режисер Џафар Панахи. На реномираниот режисер во јули Иран му нареди да отслужи шестгодишна затворска казна од пред една деценија, која никогаш не била спроведена. Наредбата дојде додека владата се обидува да ги замолчи критиките во услови на растечки економски превирања и политички притисок.

    Во селекцијата Хоризонти, во која се натпреваруваше и македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска, победи „Трета светска војна“ на Хуман Сеједи. Филмот на Митевска имаше викендов имаше и американска премиера на фестивалот во Торонто.

    Наградите на Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ ги добија „Аргентина, 1985“ на Сантјаго Митре од селекцијата за Златен лав и „Автобиографија“ на Макбул Мубарак од Хоризонти.

    Актерката Џулијана Мур го предводеше жирито за Златен лав кое го избра победникот меѓу 23 филмови во кои имаше многу кандидати за Оскар. Оскаровката Мур претседаваше со жирито во кое беше француската режисерка Одри Диван, чиј филм „Настан“ лани го освои Златниот лав, писателот Казуо Ишигуро („Никогаш не ме дозволувај да си одам“), кој ги гледаше филмовите од неговата хотелска соба оти беше позитивен на ковид, иранската актерка Лејла Хатами („Разделба“), италијанскиот режисер Леонардо ди Костанзо („Внатрешниот кафез“), аргентинскиот режисер Маријано Кон („Официјална конкуренција“) и Родриго Сорогојен („Кандидатот“).

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира