Првата количина од 315 маски со визири кои со 3-Д принтери ги изработија доктори и дизајнери денес беа доставени во Градската општа болница „8 Септември“ на стерилизација, а потоа ќе следи официјална прераспределба на местата кои се први изложени на удар од коронавирусот.
По иницијатива на ортопедскиот хирург д-р Александар Каревски од Одделот за ортопедија и трауматологија при Градската општа болница „8 Септември“, на Фесјбук се формираше група од околу 250 доктори, дизајнери, графички дизајнери и сопственици на 3-Д принтери, кои почнаа да изработуваат заштитни маски со визири за медицинските работници испечатени на 3-Д принтери.
На изработка на маските работат волонтери на повеќе од 35 приватни и комерцијални 3-Д принтери. Покрај овaа количина на маски доставена во Скопје, помали тимови од Куманово, Битола, Охрид, Прилеп веќе работат со своите домашни 3-Д принтери за да се снабдуваат и медицинските работници директно на локално ниво.
По стерилизацијата, првата количина маски покрај до болницата „8 Сешември“, од каде што тргна иницијативата, ќе бидат доставени и до Инфективната клиника, Клиниката за гинекологија и акушерство, Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Универзитетската клиника за хирушки болести „Св. Наум Охридски“ и Детската болница Козле. Со организиран превоз, маски ќе се испратат и во Дебар, Куманово, Струга и Охрид.
„Маските не се за продажба. Оваа иницијатива е од граѓаните за граѓаните и не е со цел остварување на профит. Моделот по кој работиме, како и повеќето модели кои можат да се најдат на интернет и веќе кружат по социјалните мрежи подлежат на некомерцијална лиценца, што и ја прави нивната продажба противзаконска. Ќе додадеме и некои технички детали за овие маски. Држачите кои што имаат контакт со челото можат да се стерилизираат во водород пероксид плазма, додека провидниот материјал може да се исчисти со потопување во чист етанол или соодветен дезинфициенс“, изјави доц. д-р Ристе Попески-Димовски од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет.
Професорот додава дека и покрај големиот ангажман, водат детална евиденција кој што произвел и што доставил. Донациите кои ќе стигнат на сметка на Асоцијацијата на млади лекари и специјалисти (АМЛС) ќе бидат јавно достапни, за да се знае каде и за што се потрошени средствата.
„Оваа инцијатива нема да застане само на овие заштитни визири. На барање на нас лекарите и на барање на болниците, 3-Д дизајнери веќе работат на варијанти за елементи кои би можело да станат дефицитарни доколку продолжат забраните за извоз на медицинска опрема кои ги имаат повеќето земји“, вели д-р Каревски.
Б. НЕСТОРОСКА