БУГАРСКАТА ВЛАСТ МЕ ИЗМАЧУВАШЕ КОГА ИМАВ 16 ГОДИНИ, ТОА ЛИ Е ОСЛОБОДИТЕЛНА И АНТИФАШИСТИЧКА ПОЛИТИКА?, ВЕЛИ 94-ГОДИШНАТА ПАРТИЗАНКА РАТКА БАКАЛИНОСКА

    БУГАРСКАТА ВЛАСТ МЕ ИЗМАЧУВАШЕ КОГА ИМАВ 16 ГОДИНИ, ТОА ЛИ Е ОСЛОБОДИТЕЛНА И АНТИФАШИСТИЧКА ПОЛИТИКА?, ВЕЛИ 94-ГОДИШНАТА ПАРТИЗАНКА РАТКА БАКАЛИНОСКА„Ме донесоа во собата за испрашување каде ме дочека главниот агент задолжен да ме испрашува... Пред да почнат со испрашувањето, ме држеа повеќе од едно деноноќие во соба на столче без седиште завртена кон ѕидот... Ме притискаа да ги предадам моите другари, и да се пријавам за Еврејка, Влаинка, а на мојот отпор и декларирање за Македонка, одговараа со дополнителни часови во затвор и изолација во соба полна со глувци. Имав само 16 години, поради што не можеа да ме осудат, како што сторија со моите другари кои добија по 15 години затворска казна“, вели 94-годишната Ратка Бакалиноска од Битола, носителка е на Партизанска споменица 1941 година за учество во Народноослободителната борба (НОБ). (Фото: Приватна архива)

    94-годишната партизанка Ратка Бакалиноска од Битола, се сеќава дека како 16-годишна ученичка била измачувана во затвор од бугарската окупаторска фашистичка власт и се прашува дали и тогаш, а и сега, таа власт може да се нарече неокупаторска, ослободителна и антифашистичка?

    Бакалиноска е родена 1926 во Битола, носителка е на Партизанска споменица 1941 година за учество во Народноослободителната борба (НОБ), и одликувана со повеќе ордени и признанија на републичко и федерално ниво. Била членка на Сојузот на комунистичката младина (СКОЈ) од 15 години.

    Книшката на Бакалиноска за Партизанска споменица 1941 година за учество во Народноослободителната борба (НОБ). (Фото: Приватна архива)

    Поттикната од актуелното вето на Бугарија за влезот на Македонија во ЕУ, при што, меѓу другото, Бугарија го оспорува ословувањето на нејзината власт во Македонија од 1941-44 како окупаторска и фашистичка, Бакалиноска ја раскажа својата лична приказна за животот под бугарска окупација.

    Во 1941, бугарското Собрание ја изгласа одлуката Бугарија да се приклучи на фашистичката оска на чело со Германија, и како сојузничка сила ја окупира Македонија која тогаш беше дел од Кралството Југославија. Бугарската власт вршела постојан прогон врз антифашистички настроените како и погроми врз цивилното население, а во март 1943 депортираше 7.762 Евреи од Македонија во концентрациониот логор Треблинка, каде сите се убиени.

    Дел од ордените на Ратка Бакалиноска. (Фото: Приватна архива)

    „Кон крајот на 1941 година, откако видовме јас и моите другарки и другари дека слободата на изразување на личните ставови и национален идентитет се доведени во опасност поради окупаторската политика на фашистичкото движење, почнавме да се организираме во СКОЈ-евска организација со повеќе ограноци во рамките на нашето опкружување – во училиштата. СКОЈ-евската организација многу брзо напредуваше: во прво време во нашиот клас имавме само една група, но веќе следната година регрутираме поддршка за 3 групи со по 6-7 членови, со главна цел да ја шириме идејата за слободна Македонија и приклучување на нови млади сили во Народноослободителната борба“, вели Бакалиноска и кажува дека во исто време, за неутрализација на секаква мисла и отпор против окупацијата, во класот е инфилтрирана фашистичка фракција БРАНИК.

    „БРАНИК работеше на уништување на нашето движење, а водачот на БРАНИК беше соученичка од нашиот клас. За да го сузбијат нашето движење, вешто се распределуваа меѓу нас – пред мене и зад мене во клупите седеа браници, кои имаат задача да ги проверуваат книгите, да ги прислушуваат нашите разговори, да следат каде се движиме и со кого се дружиме. Во Битола во тоа време имаше пет средни школи: гимназија, француска, земјоделска, економска… и сите имаа СКОЈ-евски ограноци, кои ги водеа мои другари: Јонку Влаху-Пио, Ширли… Еден ден, на дојава, сите бевме однесени на сослушување“, вели Бакалиноска сеќавајќи се на бугарската окупаторска власт.

    „Ме донесоа во собата за испрашување каде ме дочека главниот агент задолжен да ме испрашува… Пред да почнат со испрашувањето, ме држеа повеќе од едно деноноќие во соба на столче без седиште завртена кон ѕидот… Ме притискаа да ги предадам моите другари, и да се пријавам за Еврејка, Влаинка, а на мојот отпор и декларирање за Македонка, одговараа со дополнителни часови во затвор и изолација во соба полна со глувци. Имав само 16 години, поради што не можеа да ме осудат, како што сторија со моите другари кои добија по 15 години затворска казна… Бидејќи сето ова се случуваше во време на учебна година, откако ме пуштија во мај 1943 година, се вратив да ги завршам сите предмети на втора година гимназија. Но, три дена потоа, дома дојде писмо од управата за мое исклучување од сите училишни активности и забрана за посетување било каква настава во било кое училиште на територијата под бугарска управа. Писмото велеше: ‘Се исклучувате од сите школи на Царството Б’лгарија, како антидржавен елемент, винаги’. Засекогаш. Така, заминав во партизани, со мислата дека кога ќе ја ослободиме нашата територија, ќе можам повторно да се вратам во училишните клупи“, вели Бакалиноска.

    Дел од признанијата на Ратка Бакалиноска. (Фото: Приватна архива)

    По војната, таа ја завршила гимназијата и се запишала на југословенска книжевност на тогашниот Филозофски факултет, каде професор ѝ бил Блаже Конески. Факултетот го завршила со голем успех, паралелно со работни обврски и општествен ангажман во партијата и други здруженија.

    Скоро 80 години подоцна, кога Бугарија негира дека нејзината власт во Македонија во Втората светска војна била окупаторска и фашистичка, Бакалиноска вели дека си го поставува истото прашање:

    „Но, сите овие години се прашувам зошто нè испрашуваа, зошто нè исклучуваа и зошто не дозволуваа слободно изразување? И дали, таквата нивна политика, всушност – тогаш и денес – може да се нарече неокупаторска, ослободителна и антифашистичка?“

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира