ДА ПОМОГНЕМЕ ВО ВРЕМЕТО КОГА НЕ СЕ ОДИ ВО ШКОЛО – УНКОВСКИ И СЕМЕЈСТВОТО НА СТЕФАНОВСКИ Ѝ ДОЗВОЛИЈА НА МРТ ДА ЈА РЕПРИЗИРА „БУШАВА АЗБУКА“

    ДА ПОМОГНЕМЕ ВО ВРЕМЕТО КОГА НЕ СЕ ОДИ ВО ШКОЛО – УНКОВСКИ И СЕМЕЈСТВОТО НА СТЕФАНОВСКИ Ѝ ДОЗВОЛИЈА НА МРТ ДА ЈА РЕПРИЗИРА „БУШАВА АЗБУКА“Серијата од 1985 година е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.

    Режисерот Слободан Унковски на Фејсбук објави дека со семејството на Горан Стефановски ѝ дале дозвола на Македонската радио телевизија (МРТ) бесплатно да ја репризира ТВ-серијата „Бушава азбука“. Серијата од 1985 година, во продукција на МРТ, беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра. Имаше вкупно 31 епизода, со просечно траење од 29 минути, секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.

    „Малку да помогнеме во пополнување на времето кога не се оди во школо. Ќе почне да игра од утре, прекуутре, два пати дневно“, стои во пораката која режисерот Унковски му ја напиша на профилот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Со одлуката на Владата за превенција од ширењето на коронавирусот, сите воспитно-образовни институции се затворени до 24 март, вклучувајќи ги и библиотеките, студентските домови, прекинати се и воншколските активности, а се очекува да се затворат и игротеките и фитнес-салите.

    Серијата пред 35 години беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а во неа играше врвна актерска екипа како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.

    Во јуни 2018, Стефановски и Унковски почнаа да работат на втор дел од „Бушава азбука“, насловен „Бушав буквар“. Тие работеа на структурата на сценариото, а оваа серија, како што изјавија тогаш од продукцијата за САКАМДАКАЖАМ.МК, за разлика од „Бушава азбука“ ќе биде ориентирана кон македонскиот јазик и неговата употреба и богатство, и евентуално, кон јазиците на заедниците.

    Стефановски почина во ноември таа година, а на сценариото продолжи да работи сценаристот Марјан Алчевски, кој долги години живее во Загреб.

    Развојот на сценариото за 31 епизода по 30 минути, како спонзорства го обезбедиле неколку фирми. Унковски е и продуцент, а креативен продуцент е актерката и професорка на Факултетот за драмски уметности Синоличка Трпкова-Меллес.

    МАРЈАН АЛЧЕВСКИ РАБОТИ НА СЦЕНАРИОТО ЗА „БУШАВ БУКВАР“ ПО СМРТТА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

    УНКОВСКИ И СТЕФАНОВСКИ РАБОТАТ НА ВТОР ДЕЛ ОД КУЛТНАТА ТВ-СЕРИЈА „БУШАВА АЗБУКА“

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари