ДЕЦА ПОД 13 ГОДИНИ КОРИСТАТ ТИКТОК БЕЗ ЗНАЕЊЕ НА РОДИТЕЛИТЕ И СЕ ИЗЛОЖУВААТ НА ОПАСНИ СОДРЖИНИ, ПОКАЖА РЕГИОНАЛНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА БИРН

    ДЕЦА ПОД 13 ГОДИНИ КОРИСТАТ ТИКТОК БЕЗ ЗНАЕЊЕ НА РОДИТЕЛИТЕ И СЕ ИЗЛОЖУВААТ НА ОПАСНИ СОДРЖИНИ, ПОКАЖА РЕГИОНАЛНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА БИРНОснован во 2016, ТикТок бргу ја надмина популарноста на Фејсбук меѓу помладата популација. (Фото: СДК.МК)

    Минималната старосна граница од 13 години, поставена како услов за отворање профил, не спречи илјадници помлади деца од Балканот да ѝ пристапат на апликацијата ТикТок, на која се објавуваат кратки видеосодржини. Истражувањето на БИРН покажа дека родителите и наставниците се борат да останат во тек со ризиците што постојат на оваа социјална мрежа.

    Родителите му рекле „не“ на својот 14-годишен син откако побарал дозвола да се регистрира на ТикТок. Но, тој, сепак, отворил таен профил и го користел ТикТок без никаков надзор. Поминале шест месеци пред неговите родители да дознаат за тоа, а момчето од Драч, Албанија, веќе било измамено да преземе апликација која содржела „срамни фотографии“.

    Овој тинејџер е еден од сѐ поголемиот број деца од Балканот кои го користат ТикТок, кој е во кинеска сопственост и кој, според американскиот „Клаудфлер“, бил најпопуларна апликација во 2021. Многу од овие деца, според сознанијата до кои дојде БИРН, се под минималната граница од 13 години за отворање профил. Некои од нив секојдневно го посетуваат ТикТок уште од својата шеста или седма година, со знаење на своите родители.

    Истражувањето на БИРН, во рамките на кое беше разговарано со десетици наставници, родители и деца, укажува на постоење „технолошка празнина“, односно дека многу родители не се свесни на што се изложени нивните деца на оваа социјална мрежа.

    Повеќе од две третини од родителите одговорија дека нивните деца отвориле профил пред да наполнат 13 години, половина од нив без нивна согласност. Дваесет и пет проценти од родителите кажаа дека забележале потенцијално штетна содржина, како сексуална содржина, срамотење на телото, употреба на дрога или алкохол или опасни шеги.

    „Во Србија нема контрола на ова поле. Родителите честопати не знаат доволно како да им пристапат на своите деца кога се во прашање интернетот и консумацијата на содржини“, вели експертот за дигитални комуникации Никола Ристиќ.

    Испитаниците наведоа дека нивните деца гледаат видеа со танци, пејачи, спорт, игри, смешни клипови, инфлуенсери или содржини објавени од нивните пријатели.

    Во корисничкиот водич на ТикТок стои дека оваа мрежа е „длабоко посветена на безбедноста на малолетниците кои ја користат оваа платформа и не толерира активности што вклучуваат злоупотреба, нанесување штета, загрозување или експлоатација“. БИРН го побара ТикТок за коментар, но не доби никаков одговор.

    За потребите на оваа сторија, новинарите на БИРН отворија профил на ТикТок во име на фиктивно 13-годишно момче, преку кој се пребаруваа содржини на босански, српски, хрватски и на англиски јазик, следејќи ги хаштаговите популарни кај децата на таа возраст.

    Покрај видеата на малолетни тинејџери кои се забавуваат со музика, глумат или танцуваат, наидовме и на објави на кои се прикажани насилни деца или деца кои се преправаат дека се насилни, често во училница.
    На една видеоснимка, направена во основно училиште во мал град во источна Србија, три момчиња упаѓаат во училница и ги шутираат училишните клупи. Еден од нив запали дезодоранс во спреј. Во друго видео, млади луѓе ноќе возат автомобил во погрешна насока. БИРН наиде и на бројни профили што промовираат националистичка и ксенофобична содржина.

    Некои родители не мислат дека е лошо тоа што нивните деца го користат ТикТок иако немаат 13 години. Хасиме Тахири Хасани од Митровица вели дека нејзината деветгодишна ќерка го користи ТикТок главно за да го покаже својот талент за танцување или за да направи некоја видеомонтажа.

    Иво Ѓокиќ од Митровица истакна дека неговиот шестгодишен син одлично го научил англискиот јазик благодарение на ТикТок и Јутјуб.

    Зијада Кариќ од БиХ, мајка на две деца, вели дека нејзиниот 11-годишен син користел ТикТок сѐ додека не слушнал дека девојче починало поради предизвик што кружел на оваа социјална мрежа. Дванаесетгодишно девојче од Косово наведе дека гледало снимка од лице кое се самоубило.

    Основан во 2016, ТикТок бргу ја надмина популарноста на Фејсбук меѓу помладите луѓе.

    „Младата публика го губи интересот за Фејсбук бидејќи има огромен процент на луѓе на возраст од 35 до 65 години, за кои се пласираат повеќе содржини. ТикТок има неограничени ресурси. Кога додавате видео, имате можност да допрете до стотици илјади луѓе“, вели медиумскиот аналитичар од БиХ, Амел Петровиќ.

    Многу родители сметаат дека и наставниците имаат обврска подобро да ги едуцираат децата за негативните страни и потенцијалните опасности на социјалните мрежи.

    „Ние во училиштето постојано разговараме со нив на оваа тема и се обидуваме да им укажеме на сите стапици со кои може да се соочат. Истовремено, им укажуваме дека доколку користат ТикТок, да го користат за содржини што ќе бидат корисни за нивното образование или за образованието на нивните врсници“, вели Наташа Колевска, наставничка по информатика во основно училиште во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира