ЕМ ГО ВИДОВ РЕАЛ, ЕМ ЗЕМЈАТА НА ДРУГАР МИ АКИ, ВЕЛИ ОПЕРСКАТА ЛЕГЕНДА ПЛАСИДО ДОМИНГО

ЕМ ГО ВИДОВ РЕАЛ, ЕМ ЗЕМЈАТА НА ДРУГАР МИ АКИ, ВЕЛИ ОПЕРСКАТА ЛЕГЕНДА ПЛАСИДО ДОМИНГО„Ако добијам покана, со задоволство би настапил и во Македонија“, вели оперската легенда Пласидо Доминго со кого разговаравме утринава во тетовското село Камењане - (Фото: СДК.МК)

Легендарниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго вели дека е пресреќен што за неполни 24 часа имал можност за две лични задоволства, да го гледа Реал Мадрид како го освојува УЕФА Супер купот во Скопје, и да му биде гостин на блискиот другар Аки Нуредини во неговиот дом во тетовското село Камењане. Нуредини, чиј прочуен ресторан во Виена е неформално сврталиште на сите оперски ѕвезди, а самиот е оперски импресарио, со Доминго го врзува повеќегодишно пријателство.

САКАМДАКАЖАМ.МК утрово имаше ексклузивна можност за разговор со Доминго во домот на Нуредини во Камењане.

„Со Аки сме другари повеќе од една деценија, неговиот ресторан во Виена не е само центар за дружба на оперските пејачи туку на некој начин е и наш дом. Затоа, многу се израдував дека финалето на Супер купот ќе се игра во Скопје оти знаев дека ќе можам да му бидам гостин и на Аки“, вели Доминго, кој заедно со неговиот домаќин во Скопје пристигна синоќа пред натпреварот со приватен авион директно од Салцбург, по генерална проба на операта „Двајцата Фоскариеви“ од Верди.

„Со Аки сме другари повеќе од една деценија, неговиот ресторан во Виена не е само центар за дружба на оперските пејачи туку на некој начин е и наш дом“, Доминго и Нуредини во дворот на семејната куќа во Камењане. – (Фото: СДК.МК)

Исклучително витален на 76 години, елегантен и особено внимателен и љубезен, Доминго е вистинска ѕвезда и на прашањата одговара искрено и со голема почит. Неговата агенда е подинамична и од оние на многу помлади од него – од Камењане утрово замина во Салцбург каде в петок има премиера на „Двајцата Фоскариеви“, потоа вели ќе има кус одмор, па следат настапите во Прага, во њујоршки Метрополитен, во миланска Скала и во сите други големи оперски куќи, а за вгодина на лето веќе е резервиран да ја диригира операта „Валкирите“ на големиот германски фестивал во Бајројт.

„Ако добијам покана, со задоволство би настапил и во Македонија“, вели оперската легенда.

Доминго е почесен член на Реал Мадрид, ја испеал и химната на клубот, и вели дека не пропушта натпревар, главно ги гледа на ТВ, а 4-5 пати годишно успева да оди и на стадион. Задоволен е од синоќешниот натпревар со Манчестер јунајтед, но вели дека му е жал оти Роналдо играл само 10 минути.

„Роналдо е одличен играч и секојпат е задоволство да го гледаш, па макар и само 10 минути. Но јасно е дека мора да се чува оти го чекаат тешки натпревари против Барселона“, вели Доминго.

На прашањето дали го памти првиот натпревар на Реал Мадрид што го гледал во живо, вели дека тоа секако било во 1950-те, со генерацијата на Ференц Пушкаш и Алфредо Ди Стефано, едни од најдобрите фудбалери на сите времиња.

„На младите пејачи им велам дека мора да бидат многу внимателни. Мора да научат да не прифаќаат улоги кои не им одговараат ни нивните гласови“. – (Фото: СДК.МК)

„Кога имав 8 години се преселивме во Мексико и се сеќавам дека пасионирано читав во весниците сѐ што се пишуваше за Реал Мадрид. Тоа беше генерацијата на Пушкаш и Ди Стефано. Не се сеќавам кога првпат сум бил на натпревар, но дефинитивно тогаш играа и Пушкаш и Ди Стефано. И еве, не престанав да навивам до денес“, вели Доминго.

Фондацијата Реал Мадрид лани му приреди почесен концерт на стадионот „Сантјаго Бернабеу“ на кој настапија над 30 музичари, оперски ѕвезди и групи.

Познат по разноврсниот репертоар и настапите во сите најголеми оперски куќи во светот, Доминго има снимено над 100 цели опери, одиграл над 140 оперски улоги. Во 1990 заедно со Лучано Павароти и Хосе Карерас почнаа да настапуваат како Трите тенори, а нивната прва плоча стана најпродаваниот албум на класична музика на сите времиња.

Вели дека за секоја улога се подготвува многу темелно и дека токму темелноста е негов метод на работа.

„Јас многу читам за ликовите кои ги пејам, особено ако се историски. Сакам да дознаам што е можно повеќе за контекстот, и да влезам во карактерот. Јас сум карактерен пејач. Така што, се подготвувам многу темелно за секоја улога и не само за музиката. Се разбира, клучна е и соработката со режисерот, секојпат тесно соработувам со секој режисер на оперската поставка и гледам да извлечеме максимум“, вели Доминго.

Меѓу многубројните ангажмани како пејач, диригент, директор на оперски куќи, хуманитарец, Пласидо Доминго е исклучително вреднуван и по ангажманот за помош на млади пејачи. Во 1993 го основа Светскиот натпревар за опера – Опералија, меѓународен оперски натпревар за талентирани млади пејачи, а победникот добива шанса да се вработи во оперски ансамбли ширум светот. Многу актуелни оперски ѕвезди, како Ервин Шрот и Роландо Вилазон, кариерата ја почнале токму како победници на Опералија.

На прашањето каков совет им дава на младите пејачи, Доминго вели- да бидат внимателни.

„Никогаш не сум чул дека ме споредиле со Мик Џегер! Но, секако дека ми годи. Јас многу го почитувам, Џегер е одличен уметник“. – Доминго пред заминување од Камењане кон скопскиот аеродром од каде што со приватен авион се врати во Салцбург – (Фото: СДК.МК)

„На младите пејачи им велам дека мора да бидат многу внимателни – ги има толку многу. Мора да научат да не прифаќаат улоги кои не им одговараат ни нивните гласови. Тоа не е лесно, особено што има голем притисок од директорите на оперите. Но директорите имаат друг интерес, кој неретко е различен од оној на пејачот, па ако не одолеееш на притисокот може да завршиш со погрешни улоги кои сериозно ќе ти ја засегнат кариерата“, вели Доминго.

За крај го прашав како се чувствува кога ќе чуе дека „Пласидо Доминго е Мик Џегер во оперскиот свет“, а тој се насмевна изненадено и скромно рече:

„Никогаш не сум чул дека ме споредиле со Мик Џегер! Но, секако дека ми годи. Јас многу го почитувам, Џегер е одличен уметник“.

М. КОСТОВА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира