„ЕУРОЛИНК“ ПОЧНА СО ОСИГУРУВАЊЕ НА ВЕЛОСИПЕДИ И ВЕЛОСИПЕДИСТИ

    „ЕУРОЛИНК“ ПОЧНА СО ОСИГУРУВАЊЕ НА ВЕЛОСИПЕДИ И ВЕЛОСИПЕДИСТИОсновниот пакет „бајк“ чини 61,5 денари, односно 1 евро месечно, а проширениот пакет „бајк плус“ со вклучено каско осигурување за велосипедот се пресметува зависно од вредноста на истиот, и започнува од 100 денари месечно па нагоре.-Велосипедисти на Плоштад Македонија во Скопје. (Фото: К.Попов)

    Од овој месец „Еуролинк осигурување“ воведе нов продукт за граѓаните и тоа осигурување на велосипеди. Полисата за осигурување на велосипедисти и велосипеди нуди осигурување при незгода, одговорност кон трети лица и каско за велосипеди. Каското за велосипеди на „Еуролинк‘ е единствено решение кое овозможува финансиска надокнада при кршење на велосипедот, оштета и најважно кражба, без разлика каде настанала кражбата.

    Од компанијата велат дека новиот пакет за осигурување за велосипедистите е со цел да се подигне свеста за користењето на велосипедот како превозно средство, но и да се заштитат велосипедистите со оглед на големиот број кражби.

    „Со воведување на овој продукт создаваме услови за побезбедна и почеста употреба на велосипедот како превозно средство, што на крајот ќе допринесе за унапредување на здравјето, животната средина и квалитетот на животот во заедницата. Со овој чекор продолжуваме со традицијата за воведување нови продукти на пазарот, сега засилена и со искуството од групацијата ‘Граве‘ од која сме дел“, вели Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“.

    Основниот пакет „бајк“ чини 61,5 денари, односно 1 евро месечно, а проширениот пакет „бајк плус“ со вклучено каско осигурување за велосипедот се пресметува зависно од неговата вредност и започнува од 100 денари месечно па нагоре.

    Еуролинк осигурување беше првата осигурителна компанија која на пазарот пред неколку години воведе приватно здравствено осигурување, а со воведувањето на осигурување за велосипедисти и велосипеди продолжува со збогатување на понудата од уникатни осигурителни решенија кои покрај сигурноста во фокуст ја имаат грижата за здравјето на граѓаните, велат од компанијата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира