„ГОЛЕМАТА МАЈКА“ ОД МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ПОДАРОЦИТЕ НА БРИТАНСКАТА КРАЛИЦА ИЗЛОЖЕНИ ВО ЛОНДОН

    „ГОЛЕМАТА МАЈКА“ ОД МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ПОДАРОЦИТЕ НА БРИТАНСКАТА КРАЛИЦА ИЗЛОЖЕНИ ВО ЛОНДОНКураторка позира со глинената скулптура „Големата Мајка“ од Македонија, што е дел од изложбата на тема кралски подароци што ќе се отвори на 22 јули во Бакингамската палата во Лондон (Фото: Ројтерс)

    Копија од скулптурата „Големата Мајка“, еден од највредните археолошки артефакти во Македонија, е изложена во Бакингамската палата во Лондон, како дел од подароците што ги добивала британската кралица Елизабета Втора од високи функционери, амбасадори и странски лидери за време на нејзиното 65-годишно владеење. Изложбата на тема кралски подароци ќе се отвори на 22 јули, во рамките на летното отворање на државните соби на Бакингемската палата, а содржи 250 подароци од повеќе од 100 земји.

    „Големата Мајка“ е меѓу примероците што денеска ги објави Палатата како најава за изложбата.

    Скулптурата изработена од глина и позната како „Големата Мајка божица“, заштитницата на плодноста, е откриена во археолошкиот локалитет од неолитско време Тумба во скопската населба Маџари кон крајот на 1970-те. Божицата на плодноста во оваа скулптура е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори.

    Оригиналот на „Големата Мајка“ е изложен во новиот Археолошки музеј во Скопје, а сертифицирани копии се изработуваат како сувенири во работилниците на Музеите на Македонија.

    Не е познато кој македонски лидер и кога ѝ ја подарил копијата од „Големата Мајка“ на британската кралица Елизабета Втора, која прослави 90 години и е монарх со најдолг стаж на престолот на светот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари