Пред 41 година холандското семејство Дузе посакало својот годишен одмор да го помине во Охрид. Младите Вем и Мехи и нивните два сина Патрик и Алек пристигнале во Македонија во јули, 1976 и се сместиле во автокампот Градиште на Охридското Езеро. Тогаш не ни сонувале дека тоа ќе биде почеток на едно големо пријателство кое трае веќе 41 година.
„Бевме млади, за Охрид знаевме дека има убаво езеро, добар риболов. Решивме да дојдеме, но само еднаш. Бевме со две мали деца сместени во камп. Јазикот не го знаевме, но најдовме таму прекрасни луѓе кои имаа шатор до нас. Тоа беа семејствата Божиновски и Јоргушевски. За среќа или не, нѐ фати невреме и овие наши нови пријатели нѐ поканија кај нив. Така, прв пат дојдовме и во Тетово. Иако тогаш мислевме дека овде во Макдонија ќе дојдеме само еднаш, еве нѐ веќе 41 година редовно доаѓаме кај нашите пријатели“, вели Вем Дозе.
„Ја сакам оваа фамилија, ја сакам Македонија, го сакам гостопримството на овој народ“, се надоврзува неговата сопруга Мехи Дозе.
Неговиот син Патрик кога прв пат дошол во Охрид имал неколку години. Со текот на годините, неговата љубов кон Македонија никогаш не престанала, па тој подоцна се решава дел од студиите да ги помине во земјава.
„Ми се создаде можност дел од студиите, за период од три месеци, да ги поминам тука во Македонија. Кога дојдов тука многу ми се допадна. Влегов во група со добри луѓе и останав не три месеци, туку цела една година. Јас редовно доаѓам во Македонија секоја година. Сега со мене доаѓаат и моите деца. Многу ја сакам македонската храна, а најмногу ајварот“, раскажува Патрик Дозе на добар македонски јазик кој го научил додека студирал во Македонија.
Холандско-македонското пријателство помеѓу семејствата Дозе и Божиновски и Јоргушевски се негува веќе 4 децении, а него го продолжуваат и вторите и третите генерации од овие семејства. Богослав Божиновски бил дете кога неговите родители се запознале со ова холандско семејство.
„Ова не е само на збор дека живееме заедно, ние 40 години постојано сме во контакт. Тој контакт не е само преку писма, како што беше во почетокот, туку со нивно доаѓање тука кај нас секоја година. Првин доаѓаа на летување, а потоа и на зимување, што значи се гледавме најмалку два пати годишно. И ние секоја можност што ни се укажуваше ја користевме да отидеме кај нив во Холандија. Тоа се прекрасни луѓе со кои 4 децении живееме заедно, а потврда дека навистина прекрасно живееме со нив е тоа што тие се моите венчални кумови“, вели Богослав Божиновски.
Традицијата продолжува и понатаму па и оваа година семејството Дозе повторно е во Македонија во посета на семејствата Божиноски и Јоргушевски кои се во роднинска врска.
„Да се дружиш и да се гледаш со ова прекрасно семејство е голема чест. Од 1976 нашите деца заедно растеа, и сѐ до сега нашето пријателство не прекина. Горда сум што може вака заеднички да го славиме 40-годишното заедничко дружење“, вели Виолета Јоргушевска.
Годинашнава посета на семејството Дузе на Македонија има уште едно значење. Тие оваа година ја слават својата златна свадба, односно 50-годишнината од бракот, па посакале тоа да го направат во Македонија. Поминале 2.100 километри за да го прослават овој свој јубилеј заедно со старите пријатели од Тетово со кои ги врзуваат најубави спомени.
З. АНДОНОВ