Не можеме ниту да замислиме каква би била денеска Зоолошка градина да не беа парите кои ги добивме од европските фондови со членството на Хрватска во EУ, вели Даворка Маљковиќ, заменик-директорка на Зоолошката градина во Загреб.
Загрепската Зоолошката градина од европските фондови досега добила околу 11 милиони евра неповратни средства. Маљковиќ вели дека со овие пари се направени голем број проекти во градината, кои не можат да се направат од сопствени средства.
„Изведени се инфраструктурни проекти кои не можеа да се реализираат исклучиво од продажба на билети или од буџетот на Град Загреб. Институцијата го зајакна сопствениот тим и го освести за сопствените можности и силни страни. Преку работата на овие ЕУ фондови се подобри начинот на размислување и водење бизнис, а исто така се прошири мрежата на соработници во Хрватска и во странство“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Маљковиќ.
Најмногу средства, 5 милиони евра, градината добила со првиот проект со кој аплицирала, „Модернизација на Зоолошката градина во Загреб“. Како што вели Маљковиќ, општа цел на проектот била зајакнување на туристичкиот потенцијал на градот Загреб, а конкретни цели на проектот се зголемување на туристичкиот потенцијал и понудата на Зоолошката, образовниот потенцијал и воспоставување на поефикасна систем за управување и работа на установата.
„Кога ги добивме овие пари бевме пресреќни, прв проект со кој аплициравме и веднаш добивме пари за да можеме да направиме многу работи во градината. Изградени и опремени се нови објекти како главниот влез, птичарникот за африкански птици, живеалиште за далматински пеликани, мостовите на Дарвин и Рибарев, ресторан, простор за одмор, гледна точка, едукативен центар со мултифункционален плоштад, источен влез, објект за продавница за сувенири со живеалишта за животни од Мадагаскар. Пуштена е во употреба и централна котлара каде како енергенс се користат пелети, а обезбеден е и енергетски ефикасен систем за греење. Од инфраструктурата се обновени дел од патеките и дел од јужната ограда. Направивме инфо-куќа за посетители, украсен е Лебедовиот Остров, украсен е мостот Лав со статуи од лав за конзервација, а направена е и реплика на статуата на Неаполскиот рибар“, вели Маљковиќ и додава дека сето тоа мора да се изведе во зададените рокови.
Според вработени во Зоолошката, овој проект го подигнал квалитетот на Зоолошката. Животните добиле подобри живеалишта, а посетителите подобра понуда.
„Бидејќи еден од суштинските елементи во работата на зоолошките градини е унапредување на природата и заштитата на животната средина, воведени се нови ИТ технологии наменети за едукација, како и современи технолошки решенија помалку штетни за животната средина како собирање на дождовница за испирање на тоалети, зелени покриви и зелени ѕидови, биофилтер за прочистување на водата во базенот на африканскиот птичарник, топлински пумпи, соларни панели за загревање на водата“, велат вработените.
Откако го добиле првиот европски проект, вработените и раководството на градината добиле и поттик за аплицирање на нови фондови со кои ќе можат да се направат уште многу нови проекти и живеалишта во градината. Велат дека не е едноствано, но се учи и потребна е само желба.
За вториот проект, „Градски прозорци кон природата“, аплицирале заедно со ЈП „Максимир“ и добиле 1.8 милиони евра. По него, Зоолошката преку проектот за изградба на Центар за закрепнување на диви животни од ЕУ добива 3 милиони евра. Проектот за зачувување на речна желка добива околу пола милион евра.
„Да не беа овие средства ќе бевме посиромашни за сè што успеавме да направиме, посиромашни во однос на размислувањата и постигната мобилност. Се уверивме дека нашата Институција со добриот тим што го имаме и поддршката на Град Загреб е конкурентна на тендерите објавени од фондовите на ЕУ“, додава Маљковиќ.
Тимот од загрепската Зоолошка градина сега работи на подготвување нови апликации за ЕУ проекти кои се однесуваат за период 2021-2027 година.
А. АНТЕВСКA