КЕВИН СПЕЈСИ ТРЕБА ДА РЕЧЕ ЗГРЕШИВ И СЕ ИЗВИНУВАМ, ВЕЛИ ХОЛИВУДСКИОТ ГЛУМЕЦ ДОНАЛД МОФЕТ КОЈ РЕЖИРА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    КЕВИН СПЕЈСИ ТРЕБА ДА РЕЧЕ ЗГРЕШИВ И СЕ ИЗВИНУВАМ, ВЕЛИ ХОЛИВУДСКИОТ ГЛУМЕЦ ДОНАЛД МОФЕТ КОЈ РЕЖИРА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРМофет ја режира драмата „Несоодветно за на работа“ од британската современа авторка Луси Кирквуд, дело во кое се актуелизира родовата тематика преку критички став за објективизацијата на женското тело и борбата за надмоќ. - Од пробите во Драмски театар (Фото: К. Попов)

    Глумел во филмови како „Украдена убавина“ на Бернардо Бертолучи и „Патот на дрогата“  на Стивен Содерберг, на театарска сцена со Кевин Спејси, во познати ТВ-серии како „Заменети при раѓање“ и „Среќно разведени“, а од 20 јуни работи во скопскиот Драмски театар. Американскиот актер, режисер и професор Доналд Ворен Мофет ги привршува пробите за претставата „Несоодветно за на работа“ од британската современа драмска авторка Луси Кирквуд, чија премиера е закажана за 27 јули на Охридско лето.

    Исклучително весел, непосреден и отворен, 64-годишниот Мофет за САКАМДАЖАМ.МК зборуваше не само за претставата, туку и за Холивуд, студентите, Кевин Спејси, за движењето #МеТоо, за работата со Бертолучи и со македонските актери.

    „Јас сум актер, и знам дека ако многу се седи на читачката маса, ќе им стане здодевно на актерите, ќе почнат многу да пребираат“, вели Мофет (Фото: К. Попов)

    Мофет ни рече дека во Скопје првпат дошол во 2016, благодарение на неговиот пријател Ерик Брнс кој работел со премиерот Зоран Заев на кампањата на тогашните парламентарни избори. Во тој период УСАИД даде голема поддршка за националните телевизии да се снимат сериите „На терапија“ и „Инсајдер“ и Брнс им предложил да го земат Мофет за помош со оглед на неговото искуство во телевизиската продукција.

     

    Сцени од повеќе ТВ-серии во кои глумел Мофет

    „Кога дојдов, тие веќе снимаа сцени со Никола Ристановски од ‘На терапија’, видов сѐ и реков сѐ е одлично. Ме замолија да го погледнам сценариото на ‚Инсајдер’, дадов неколку забелешки и се вратив во САД. Пред шест месеци ми се јави Ерик дека се запознал со Викторија Рангелова (директорка на Драмски н. з.) која му кажала дека ја познава мојата работа. Нѐ спои и таа ми рече: ‘Ако имате желба да дојдете, тоа може да се оствари’. Јас ѝ испратив неколку текстови, таа предложи оти е лето треба нешто покомично, и стигнавме до текстот на Луси Кирквуд, која не сум ја читал претходно“, вели Мофет.

    Директорката направила потесен избор на актери, и од нив Мофет ги одбрал актерите Ирена Ристиќ, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вујисиќ.

    Мофет поставува дело од британската современа драмска авторка Луси Кирквуд (Фото: К. Попов)

    Неговиот принцип на работа е дека не поминува многу време на читачки проби, отприлика четири денови, и веднаш поставува ознаки каде ќе биде масата, каде креветот.

    „Јас сум актер, и знам дека ако многу се седи на читачката маса, ќе им стане здодевно на актерите, ќе почнат многу да пребираат“, вели тој.

    Мофет направи споредба помеѓу театарскиот систем во Македониија, Европа и САД, и вели: „Ние немаме ваков систем, каде актерите добиваат плата секој месец без разлика дали работеле или не. Јас основав театарска компанија со актери во Чикаго, и сум навикнат да сум во семејство со актери. Многу ми е комотно вака. Кога ќе почнат да зборуваат, седам и гледам, тие си се познаваат со години, и сакам да ги гледам како разговараат. Но, не сум фашист-режисер, не им викам да престанат, туку го користам таквиот однос, го сакам нивниот придонес, нивните идеи. Јас сум соработник“.

    „Ние немаме ваков систем, каде актерите добиваат плата секој месец без разлика дали работеле или не“, вели Мофет. (Фото: К. Попов)

    Мофет вели дека четириесет години го работи ова, и кога снима серија или филм, ќе најде некој познат, или снимател, или режисер, но многу почесто е да не познава никого.

    „И во тоа лежи потешкотијата да се направи квалитетен проект во САД. Многу време се троши само да се запознаеме. Телевизиската и филмската продукција се многу квалитетни и ефикасни, не е важно ако не се знаеме. Ти ова, ти она го работиш, а со колегите е поинаку, треба да се запознаеме. Има голема предност, економски, во тоа да имаш вработено актери. Мора да ја зачуваш компанијата, да имаш државна поддршка, а ние тоа немаме, за жал. Во таа смисла, македонските и европските народи се среќни“, кажа режисерот.

    Од пробите за „Несоодветно за на работа“ во Драмски театар (Фото: К. Попов)

    Од 2016 работи како професор и шеф на катедрата за филм и телевизија на Универзитетот за арт и дизајн во Савана. Иронично, вели, не предава глума, туку режија, работа со 4 камери, како за вести и ситкоми, и напредна продукција. Тој е одговорен за 18 професори и 800 студенти.

    На прашањето кој е најдобар совет кој го добил и им го пренесува на студентите, Мофет вели: „Најдобар совет кој сум го добил е: ‘Ти го можеш ова’. Некој мораше да ми го каже ова. Затоа што ако таа личност не ми го кажеше ова, сѐ уште ќе работев во банка. Но, имав професор кој ми кажа дека сум доволно добар за ова и мислам дека тоа е важно за сите. Исто така, особено во САД, каде сите се фриленсери, треба да си позитивен. Да доаѓаш на време. Мораш да се претставиш како човек со кој сите ќе сакаат работат, да не им го трошиш времето, и ако си таква личнсот, ќе те запомнат и ја добиваш следната работа“.

    Од работата со легендарниот италијански режисер Бертолучи на филмот „Украдена убавина“, научил дека најдобрите режисери им веруваат на актерите.

    „Тој ме одбра мене затоа што сакаше јас да претставам нешто во светот. Од него и од други големи режисери научив да си верувам себеси и на инстинктите. Моите студенти знаат да кажат ‘Јас сакам да снимам филмови’, ‘Јас сакам ТВ-серии’. Јас им велам: Во што е разликата? Продукцискиот модел, скелетот за ‘Нетфликс’, Ејч-Би-О, ‘Амазон’, ‘Марвел’ е истиот. Без разлика дали буџетот е еден милион или 20 милиони по епизода. Исто и за актерите, без разлика дали си во филм со голем буџет или независен, ако треба само да седиш на столица, исто ќе седиш“, ни рече Мофет.

    На прашањето кој е најдобар совет кој го добил и им го пренесува на студентите, Мофет вели: „Најдобар совет кој сум го добил е: Ти го можеш ова“ (Фото: К. Попов)

    Проговоривме и за движењето #MeToo, кое го почнаа повеќе холивудски активистки и актерки кога го разоткрија моќниот филмски продуцент Харви Вајнстин за сексуално малтретирање. По неговиот случај следеа повеќе обвинувања за голем број филмски работници, меѓу кои и за Кевин Спејси. Деновиве пак, беа отфрлени обвиненијата против Спејси за сексуален напад врз 18-годишно момче. Мофет и Спејси глумеле заедно во лондонскиот театар „Олд Вик“ во 2005.

    Од пробите за „Несоодветно за на работа“ во Драмски театар (Фото: К. Попов)

    „Целосно го поддржувам движењето #MeToo. Кевин Спејси е одличен актер, и се надевам дека ќе си ги среди работите. Сметам дека требаше да им се извини на тие луѓе. Да, ги отфрлија обвиненијата, но сѐ уште има луѓе кои мислат дека не бил искрен. Треба да излезе и да рече: ‘Згрешив. Жалам и се извинувам и сакам да продолжам со животот.’ Луѓето знаат да простат ако си искрен. Ми недостасува Кевин, сакам да го видам и мислам дека ќе почне да работи“, вели Мофет.

    По премиерата на „Несоодветно за на работа“ во Охрид Мофет ќе замине за Чикаго. Вели дека засега нема ангажмани, а неодамна завршил со снимање на ТВ-серија во Чикаго.

    „Завршив оти мојот лик умре. Така што, сега сум, како што велиме во САД, достапен“, низ смеа рече Мофет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира