Вечерва во 19 часот во Филхармонијата во Скопје, заеднички концерт ќе одржат Воените оркестри на Македонија, САД, Велика Британија, Грција и Словенија. Концертот се организира на Денот на НАТО, а е дел од активностите за одбележување на Неделата на НАТО, во чест на одбележувањето на 70 години од постоењето на алијансата.
Диригенти на заедничкиот концерт на воените оркестри ќе бидат мајорот Горан Илијевски, Константинос Константинопулос од Грција, потполковник Аљоша Дефери од Словенија, Сара Маринеску од Британија и мајор Рендал Бартел од САД.
Воениот оркестар на Армијата на САД за Европа завчера одржа концерт пред Камениот мост во Скопје, како дел од Неделата на НАТО, која во Македонија ја организира Министерството за одбрана.