„МАЈКАТА“ НА МАНАКИ ПОСТАРА ОД „ЕМИГРАНТСКАТА МАЈКА“ ОД KАЛИФОРНИЈА

    „МАЈКАТА“ НА МАНАКИ ПОСТАРА ОД „ЕМИГРАНТСКАТА МАЈКА“ ОД KАЛИФОРНИЈА„Мајка со изгладнети деца“ на Милтон Манаки сликана во 1916 (лево), „Емигрантска мајка“ на Доротеја Ланг сликана во 1936

    Антологиската фотографија на Милтон Манаки, „Мајка со изгладнети деца“, сликана во 1916 година во виорот на Првата светска војна, постара е за две децении од светски познатата икона на социјалната документарна фотографија „Емигрантската мајка“ на Доротеја Ланг од Калифорнија. Фотографијата на Манаки  на која се прикажани изгладнети деца со лик на старци, странските критичари ја споредуваат со онаа на талентираната Американка на која е сликана мајка со деца за време на големата економска криза во САД пред Втората светска војна.

    До денес не се знае точната локација во Битола каде што Милтон ја снимил фотографијата во 1916, во виорот на Првата светска војна

    „Мајката со изгладнети деца“ беше дел од морето фотографии и факти за браќата Манаки презентирани во рамки на документраниот филм „Манаки – приказна во слики“ и Монографијата за првите сниматели на Балканот, подготвени од фотографот и истражувач на нивното дело Роберт Јанкуловски. Промоцијата на филмот и монографијата се одржа во рамки на 38. филмски фестивал “Браќа Манаки“ минатиот месец во Битола.

    „Емигрантска мајка“ на Доротеја Ланг е светска икона на социјална документарна фотографија

    „Антологиската фотографија „Мајка сo изгладнети деца“, познатиот филмски критичар и историчар Рон Холвеј ја споредува со фотографијата „Емигрантска мајка“ на Доротеја Ланг, која е светска икона на социјална документарна фотографија. Но, фотографијата на Ланг била снимена во 1936, значи 20 години по таа на Манаки. Фотографијата била направена во Битола и директно зборува за последиците на војната. На неа се прикажани дечиња на пет-шест години, а изгледаат како старци.Тие одживеале малку години, но со најлошите работи“, вели  Јанкуловски.

    За жал, до денес не се знае точната локација во Битола каде што Милтон ја снимил фотографијата. Не е познат ни идентиетот на ликовите преку кои на мајсторски начин го покажал страдањето на цивилното население за време на војната. Познато е дека фотографијата била направена за потребите на американскиот Црвениот крст.

    Се претпоставува дека  била направена по некое од страотните бомбардирања што ги претрпела Битола за време на војната. Браќата Манаки си го фотогрфирале и сопственото фотоателје на Широк Сокак кое било разрушено во 1916.Само во 1917 во Битола паднале над 7.500 гранати, од кои најголем дел со боев отров.

    „Мајката со изгладнети деца“ беше дел од морето фотографии и факти за браќата Манаки презентирани во документраецот „Манаки – приказна во слики“ и монографијата за првите сниматели на Балканот, подготвени од фотографот и истражувач на нивното дело Роберт Јанкуловски (Фото: СДК.МК)

    Поради драматичноста, оваа фотогрфија во повеќе наврати  била користена и во други документарни материјали, па од таму и заблудата дека на неа се сликани децата бегалци од Егејска Македонија.

    Две децении по антологиската слика  на Манаки, Доротеја Ланг во 1936 ја снимила нејзината најпозната фотографија „Емигрантската мајка“. Тоа било период на драматичен светски економски пад, кога трговијата вртоглаво опаѓала, опаѓале личните примања и профитот. Ланг ја фотографирала 32-годишната  Флоренс Овен Томпсон заедно со гладните деца кои според одредени записи, преживувале од зеленчук и птици кои децата ги убивале по околните полиња.

    Инаку, во Архивот во Битола се чуваат околу 17.000 негативи, од кои 7.000 се стаклени плочи и плус има околу 6.000 фотографии на хартија на браќата Манаки. Јанкуловски беше првиот кој скенира и дигитализира околу 1.000 негативи од стаклените плочи на Манаки, на тој начин заштитувајќи ја нивната содржина и правејќи ја достапна за јавноста.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира