НЕ МИ ФАЛИ СЦЕНАТА, ЗАСЛУЖИВ ДА СПИЈАМ ДО ПЛАДНЕ, ВЕЛИ ПЕНЗИОНЕРКАТА ТИНА ТАРНЕР

    НЕ МИ ФАЛИ СЦЕНАТА, ЗАСЛУЖИВ ДА СПИЈАМ ДО ПЛАДНЕ, ВЕЛИ ПЕНЗИОНЕРКАТА ТИНА ТАРНЕРИзминативе неколку Тина Тарнер години живее во Швајцарија, а на влезната врата од имотот е поставен написот „Не ни помислувајте да ја барате Тина пред пладне“ (Фото: „Њујорк тајмс“)

    Седумдесет и деветгодишната музичка дива Тина Тарнер веќе десет години не пее, не танцува ниту сака да се дотерува. Но, големата пејачка е актуелна периодов по мјузиклот базиран на нејзиниот живот насловен „Тина: Мјузиклот за Тина Тарнер“ кој од следниот месец ќе се игра на Бродвеј. Продукцијата од 16. 5 милиони долари досега се изведуваше од Лондон до Хамбург, а насловната улога ја игра Адриен Ворен.

    Во режија на Филида Лојд („Мама миа“), претставата опфаќа четири децении од животот на Тарнер, почнувајќи од детството како Ана Меј Булок во Тенеси, па сѐ до скокот во 1980-те кога стана една од најголемите поп ѕвезди на планетата.

    Изминативе неколку години живее во Швајцарија, а на влезната врата од имотот е поставен написот „Не ни помислувајте да ја барате Тина пред пладне“.

    Насловната улога во мјузиклот ја игра Адриен Ворен (Фото: „Њујорк тајмс“)

    „Таа стана ѕвезда во нејзините 20-ти години со Ајк Тарнер, избега од неговите малтретирања во 30-те, стигна до првите места на светските листи во 40-те, го помина светот со турнеи во нејзините 60-ти години, и сега би сакале да поспие“, пишува новинарката на „Њујорк тајмс“.

    „Не пејам, не танцувам. Не се дотерувам и не ми недостасуваат настапите. Се уморив од пеењето и од тоа да ги правам сите среќни. Само тоа и правев во животот“, вели Тарнер во интервјуто.

    Таа вели дека работела доста со екипата на мјузиклот, му го покажала нејзините препознатливи движења на кореографот, а кога првпат ја сретнала Ворен во Лондон, ја тестирала со мал квиз.

    Пејачката е актуелна периодов по мјузиклот базиран на нејзиниот живот насловен „Тина: Мјузиклот за Тина Тарнер“ (Фото: „Њујорк тајмс“)

    Во мјузиклот е претставен нејзиниот триумфален раст како самостојна пејачка како и романсата со нејзиниот сопруг Ервин Бак, но ги содржи и 16-те години кои ги поминала со Ајк. Го запознала како 17-годишната Ана Меј. Тој ја прослави, но на крајот поради него ја замрази музиката. Ѝ го промени името, а потоа си го заштити како негов бренд, и направи таа да му биде сопственост. Ѝ ја украде целата заработка. Ѝ истури кафе в лице. Ѝ ја скрши вилицата. И низ сето тоа, таа пееше.

    Тарнер првпат проговори за насилството во книгата од 1986, „Јас, Тина“, а потоа често мораше тоа да го преживува во разни интервјуа.

    Но, лани по премиерата на мјзиклот „Тина“ во Лондон, таа се смееше. На крајот од претставата, таа се упатила зад сцената и му се обратила на актерот кој го игра Ајк со зборовите: „Ти простувам“. Некои тоа го протолкуваа како прошка за нејзиниот поранешен сопруг, но таа вели дека никогаш нема да може да му прости.

    „Ајк е мртов. Така што, не треба да се грижиме за него“, се смее Тарнер.

    Со Бак се преселија во 1995 во Швајцарија. По бурниот живот, швајцарскиот ред ѝ дојде во право време во животот. Не говори германски јазик, така што и не зборува многу со соседите.

    Новинарката забележува дека за време на интервјуто Тина била без препознатливиот црвен кармин и без периката. Кога Тина се уморила од интервјуто, таа си заминала и се вратила утредента да продолжат. Пејачката била дотерана и нашминкана подготовена за фотосесија за списание.

    „Тоа вчера беше Ана Меј. Ова е Тина“, рекла таа.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари