НОВИНАРОТ ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ ИЗДАДЕ ДВЕ НОВИ КНИГИ

    НОВИНАРОТ ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ ИЗДАДЕ ДВЕ НОВИ КНИГИНовинарот Ѕвездан Георгиевски, организаторот на фестивалот Никола Гелевски, писателката Оливера Ќорвезироска и писателот Димитрие Дурацовски на синоќешната промоција на седум дела од тројца автори во МСУ (Фото: СДК.МК)

    Новинарот Ѕвездан Георгиевски синоќа во Музејот на современа уметност (МСУ) ги промовираше своите две нови книги „Урбани топоними“ и „Една недела…“. Георгиевски, кој меѓу другото е основач на првото радио во Македонија „Канал 4“ и на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник како тогашен уредник на Културната рубрика во весникот, лани ја издаде својата прва прозна книга, „Недела дена во живототот и смртта на Гроздан“, издание на „Темплум“.

    Промоцијата на новите дела беше на последниот ден од третото издание на книжевниот фестивал на мали фикции „Друга приказна“. Покрај книгите на Георгиевски, писателката Оливера Ќорвезироска ги промовираше и новите дела на Кирчо Арсовски (два тома цртежи) и на Димитрие Дурацовски (три тома собрани дела).

    Главната тема на фестивалот кој траеше четири дена, беше „Идентитетот како претстава“. Учествуваа триесетина писатели и теоретичари од регионот и од Македонија.

    „Темата ја избравме меѓу другото, и за да дадеме придонес во кампањата за референдумот за промена на името на државата и за влегување во ЕУ и НАТО. Несомнено е дека нашите позиции, и како поединци и како фестивал, се проевропски и во насока на поврзувања, регионални и глобални. Се разбира и дека нашата позиција е повеќе културно-уметничка отколку политичка, но преплетот на тие позиции некогаш е неизбежен, а некогаш и продуктивен. Темата, се разбира, е многу поширока и опфаќа уметнички, родови, медицински, филозофски, естрадни, маркетиншки итн. аспекти. Затоа ни се виде добра соодветна, провокативна, поттикнувачка за нашиот фестивал“, велат организаторите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира