ОД КОВИД-19 ПОЧИНА СЛАВНИОТ ЈУЖНОКОРЕЈСКИ РЕЖИСЕР КИМ КИ-ДУК

    ОД КОВИД-19 ПОЧИНА СЛАВНИОТ ЈУЖНОКОРЕЈСКИ РЕЖИСЕР КИМ КИ-ДУККим Ки-Дук почина од коронавирус во болница во летонскиот главен град Рига, на 59 години. (Фото: АП)

    Наградуваниот и контроверзен јужнокорејски филмски режисер Ким Ки-Дук почина од компликации поврзани со ковид-19 додека беше во Летонија. Магазинот „Варајати“ ја потврди смртта на Ким од извори во Естонија кои работеа со него на нов проект. Режисерот вчера почина од коронавирус во болница во летонскиот главен град Рига. Имаше 59 години.

    Летонскиот портал Делфи објави дека Ким дошол во Летонија пред еден месец, со намера да купи куќа и да аплицира за статус на резидент. Едит Сеп, извршен директор на Естонскиот филмски институт, за „Варајети“ изјави дека Ким ѝ се обратил на организацијата во септември, за да аплицира со новиот филм „Дожд, снег, облак и магла“, копродукција помеѓу Кореја и Естонија каде требаше и да се снима.

    Ким беше еден од првите режисери на корејскиот нов бран кој стекна меѓународна слава, со шокантни, но прекрасно создадени драми, вклучувајќи ги „Островот“ во 2000 и „Пролет, лето, есен, зима… и пролет“ во 2003. Иако донесоа нова естетика и собраа куп големи фестивалски награди, неколку негови филмови беа критикувани за суровост кон животните или прикажување крајна човечка суровост.

    И покрај неговиот статус во странство, Ким и естаблишментот на корејската филмска индустрија се држеа на растојание. Ким честопати самиот беше и автор на сценариото и режисер, монтажер и кинематографер, што му овозможи да работи со микробуџети и да не задолжува кон поголемите фирми.

    Во последните неколку години, ореолот на Ким се скрши. Во 2017/18 тој беше во центарот на #MeToo скандалот, откако актерка со која работеше поднесе пријава за сексуален напад. Случајот беше делумно отфрлен поради недостаток на физички докази и тој се извлече со скромна парична казна. Наскоро потоа, тој беше на Берлинскиот фестивал со еден од неговите најслаби филмови досега, „Човек, простор, време и човечко“. Но, повеќе докази за неговото насилство кон жените излегоа подоцна истата година, кога три актерки упатија нови обвинувања во ТВ-емисија што беше емитувана на корејскиот јавен радиодифузер МБЦ. Неговата кариера во Јужна Кореја ефективно заврши во тој момент.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира