Кон крајот на минатата година, градоначалничката на Мадрид, Мануела Кармена, го објави својот план за целосна забрана за возење на приватни автомобили во центарот на градот. Таа потврди и дека пред да ја напушти функцијата во мај 2019 година, главната авенија Гран вија ќе ја направи отворена само за велосипеди, автобуси и за такси возила. Тоа е само дел од поголемиот план за целосно исфрлување на дизел возилата од Мадрид, што треба да се реализира до 2025 година.
Сепак, Мадрид не е единствен голем град која има вакви планови.
ОСЛО
Главниот град на Норвешка планира да го ослободи својот центар од автомобили до 2019 година, шест години пред ова да стапи на сила во целата држава.
Осло планира да вложи големи инвестиции во јавниот транспорт и да замени над 50 километри патишта со ленти за велосипеди.
ЧЕНГДУ
Американските архитекти Адријан Смит и Гордон Гил дизајнираа нова населена област во кинескиот град, во којашто улиците се така осмислени, што секаде може да се стигне пешки за 15 минути.
Ченгду нема целосно да ги забрани автомобилите, но до 2020 година, половина од патиштата ќе биде ослободени од нив.
ХАМБУРГ
Германскиот град планира да ги направи пешачењето и возењето велосипед доминантни начини на транспорт. Во наредните две децении, во некои области ќе биде целосно забранет пристап за автомобили.
Проектот се вика „зелена мрежа“ и до 2035 година, 40% од градот ќе биде во паркови, детски и спортски игралишта и гробишта.
КОПЕНХАГЕН
Половина од жителите на градот веќе се на велосипед, благодарение на проектот што почна уште во 60-ите години. Градот денес има 350 километри велосипедски патеки и најмал процент на сопственици на автомобили.
Најновата амбиција е да се изгради суперавтопат за велосипеди, при што се планирани 28 маршрути. Градот планира целосно да се ослободи од јаглеродот до 2025 година.
ПАРИЗ
Париз постојано воведува мерки со коишто граѓаните се мотивираат да не возат автомобили во центарот. Сега е во план удвојување на бројот на велосипедски патеки и да се дозволи возење само на електрични автомобили од 2020 година.
АТИНА
Пред една година, Атина објави дека до 2025 година ќе ги забрани дизел автомобилите во центарот, што засега се применува преку некои рестриктивни мерки.
ЛОНДОН
Како и Париз, и Лондон целосно ќе ги забрани дизел возилата до 2020 година.
Во моментов, за нивното користење во некои делови од градот се наплатува такса од 12,5 фунти на ден.
БРИСЕЛ
Голем број улици околу централниот плоштад одамна се пешачки зони и само во Копенхаген помалку се користат автомобили.
Градот има и кампањи, со кои жителите се стимулираат да користат јавен превоз, дизел автомобилите ќе бидат забранети до 2018 година, а популарен булевар со четири ленти ќе се претвори во велосипедска зона.
ВАНКУВЕР
Градот успешно ги наговори своите жители да користат јавен превоз и тие денес половина од превозот го минуваат пешки, со автобус, велосипед или со метро. Тоа е повеќе од кој било град во САД, каде што води Филаделфија со 27%.
Градот, исто така, ја прошири мрежата на велосипедски патеки и еден голем булевар претвори во пешачка зона.
ЊУЈОРК
Иако не планира да ги забрани автомобилите во скоро време, градот интензивно го зголемува бројот на пешачки зони, заедно со опциите за јавен превоз.
Популарните области Тајмс сквер, Хералд сквер и Медисон сквер гарден одамна се наменети само за пешаци. Урбаните планери сега поинаку размислуваат за градот, при што тој веќе не им се прилагодува толку на возачите.