ОД СКОПЈЕ ЗА ЛОНДОН СЕ ЛЕТАЛО СО АВИОН УШТЕ ПРЕД 90 ГОДИНИ

    ОД СКОПЈЕ ЗА ЛОНДОН СЕ ЛЕТАЛО СО АВИОН УШТЕ ПРЕД 90 ГОДИНИМомент од крштевањето на авионот во Скопје на 29 мај 1928 кој полетал од Белград кон Скопје на студиски кружен лет

    На 28 мај 1928, точно пред деведесет години,  на скопскиот аеродром на просторот на некогашна Јурија, сегашна населба Аеродром, слета првиот авион на тогашното Друштво за воздушен превоз „Аеропут“. Тоа бил  авионот од типот „потез – 29“ и носел 5 патници и 250 кила товар.

    Аеродромска зграда со контролна кула и метеоролошка служба во Скопје

    Инаку, идејата за формирање на Друштвото потекнува од 1926, од тогашниот Кралски аероклуб „Наша крила“, меѓу кои и иницијаторот Тадија Сондермаер, кој бил долгогодишен пилот и член на раководството на овој аероклуб. Од 1923, таков аероклуб постоел и во Скопје.

    „Тој прв авион ‘потез 29’, имал регистарска ознака X-SEFG, а полетал од Белград кон Скопје на студиски кружен лет. Во него покрај двата пилоти и механичарот имало и новинар и снимател, со цела опрема.  Пилоти на овој прв лет биле Тадија Сондермајер и Владимир Стрижевски. Кружниот лет се реализирал на маршрута (тогаш ја нарекувале и пруга) Белград – Скопје – Подгорица – Мостар – Сараево – Белград, како опит и определување на дестинации за понатамошни редовни линии. Во Скопје, авионот со целата екипа се задржал два дена. Притоа, на 29 мај биле организирани посебни свечености, а авионот  бил крстен со име ‘Скопје’. На 30 мај, авионот го продолжил својот лет кон Подгорица и понатаму, според планираната маршрута. Во текот на 1929, ‘Аеропут’ почнало редовно да лета на релација Белград – Скопје – Белград. Од Скопје полетувал во 7 часот, за да пристигне во Белград околу 09.15 часот. Превозот до аеродром бил организиран од пред хотелот ‘Маргер’ во центарот на градот, во 06.15 часот. Враќањето од  Белград кон Скопје било со тргнување во 15 часот и пристигнување во Скопје околу 17 часот. Ваквите летови на почетокот се реализирале секојдневно, во периодот од мај до ноември. Истата година, на 2 август била продолжена и кон Загреб”, раскажува реномираниот македонски пилот и хроничар на нашето воздухопловство Ѓорѓи Чачкиров.

    Информација од весникот „Скопски гласник“ од 1929

    Во текот на 1930. стандардната авиолинија, Белград – Скопје, продолжува и кон Солун, а во неделите кон Битола.

    Реклама во весникот „Вардар“

    Главната реклама која тогаш „Аеропут“ ја пласирал во весниците била: Во предноста над сите сообраќајни средства, аеропланот ја освои довербата на светот. На кого му е важна удобноста, сигурноста и брзината, патува со авион!

    Кон средината на 1930-те години, авиосообраќајот од и кон Скопје почнал да се реализира од тогашниот аеродром „Петровец“, во месноста, а сега Општина Петровец. Ова воздухопловно друштво подоцна, покрај авионите од типот „потез 29“, набавило и авиони од типот „спартан крузер“. Карактеристично е и тоа што ова друштво за воздушен сообраќај било меѓу првите 10 авиокомпании во Европа.

    Авионот „потез 29“ во Битола 1930, пилотот со Славе Чкатров и Сотир Саранди, членови на аероклубот Битола

    Истата година, развојот на воздушниот сообраќај од и кон Скопје бил на мошне високо ниво. Таа година, на скопскиот аеродром следувал и авион на „Империјал ервејс“ од Лондон. Неговата маршрута била: Солун – Скопје – Белград – Загреб – Лондон. Така, скопскиот аеродром бил постојано достапен за наведените и многу други сега именувани авиокомпании.

    „Ханибал“, авион на „Империјал ервејс – Лондон“

    Во текот на  1947, „Аеропут“ го менува своето име во „ЈАТ – Југословенски авиотранспорт“ и редовно продолжува да лета од Скопје кон многу дестинации, во некогашна СФРЈ, и надвор од неа.

    „Пред непосредниот распад на СФР Југославија, во Република Македонија се формира и првата македонска авиокомпанија ‘Палер Македонија’, која својот прв промотивен лет го направи на 31 април 1991, на релација Скопје – Охрид – Скопје.  Утредента, на 1 април, компанијата го направи и првиот лет во редовен воздушен сообраќај, на линија Скопје – Белград – Скопје. Истата година, оваа компанија Скопје го поврза со многу дестинации, а за време на своето постоење отвори 18 редовни дестинации ширум Европа, и огромен број чартер летови. Карактеристично е што оваа компанија леташе со сопствени и со изнајмени авиони, од типовите: ‘АН-24’, ‘тупољев 154’, ‘фокер 100’ и ‘фокер 28’. Со авионите од типот ‘фокер’ пилотираа македонски пилоти, а беше ангажиран имакедонски кабински и технички персонал”, вели Чачкиров.

    Еден од „фокерите 28“ на „Палер Македонија“

    По „Палер Македонија“ следеше отворање на десетина други македонски авиокомпании, како „Авиоимпекс“, „Мета авиотранспорт“, „Македонија АС“, „Ер сервис“, „Скај вингс“, „МАТ – Македонски авиотранспорт“ и други. Сите тие во конкуренција на странските компании кои летаа од и кон Скопје и Охрид, успешно ги превезуваа македонските патници.

    Така, и денес, по 90 години, Република Македонија, преку двата меѓународни аеродрома во Скопје и Охрид, останува поврзана по воздушен пат со многу градови, држави, континенти и народи.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира