ПОЛИЦИЈАТА НЕ ОДЛУЧУВА ШТО Е УМЕТНОСТ, А ШТО ПОРНОГРАФИЈА, РЕКОЛ ВО 1937 СЛИКАРОТ НИКОЛА МАРТИНОСКИ

    ПОЛИЦИЈАТА НЕ ОДЛУЧУВА ШТО Е УМЕТНОСТ, А ШТО ПОРНОГРАФИЈА, РЕКОЛ ВО 1937 СЛИКАРОТ НИКОЛА МАРТИНОСКИ„Целото македонско сликарство е излезено од четкичките и од сликите на Мартиноски, тој е прв“, вели д-р Кирил Пенушлиски, авторот на монографијата „Никола Мартиноски до 1945“ со чија промоција почна Месецот на Мартиноски; - неговите слики „Автопортрет“ и „Женски акт со шапка“ од 1928

    Никогаш не е малку и доста да се зборува за величините на македонската уметничка и интелектуална историја, беа едносгласни сите на промоцијата на првиот дел од монографијата „Никола Мартиноски до 1945“, издание на Националната галерија на Македонија, чиј автор е д-р Кирил Пенушлиски, што како прв настан од Месецот на Никола Мартиноски (1903-1973) се одржа вчера во галеријата Мала станица.

    Голем дел од делата на Мартиноски се во незавидна, опасна ситуација. Депоата, како и начинот на кој тие се чуваат се несоодветни и ако наскоро не се преземе ништо, штетата ќе биде огромна и трајна; – Д-р Кирил Пенушлиски и промоторите сликарот Рубенс Корубин и писателот Влада Урошевиќ (Фото: СДК.МК)

    „Имаше отпор и скептици  кои ја застапуваа теза оти е доволна првата студија со своите реизданија на професорот Борис Петковски, но се покажува дека има уште да се каже за Мартиноски, и дека секогаш ќе има, како што е тоа со Рембрант или со Леонардо да Винчи“, вели младиот Пенушлиски, внук на основоположникот на македонската фолклористика Кирил Пенушлиски, и син на еден од најголеми современи македонски сликари Илија Пенушлиски.

    Семејствата Пенушлиски и Мартиноски се роднини, откако тетката на младиот Кирил, Билјана, сестра на Илија, се омажила за постариот син на Мартиноски, така, многу јавни личности се сродени во оваа приказна меѓу кои е и сопругата на сликарот Пенушлиски, професорката и ексминистерка Илинка Митрева, и внуката на Мартиноски, професорката Ана Мартиноска.

    д-р Пенушлиски е син на сликарот Илија Пенушлиски (Фото: СДК.МК)

    „Сум рекла и во други прилики дека творештвото на Мартиноски се подзаборава. Пресреќна сум дека токму Кирил се зафати за препрочитување на неговото дело, дури по 35 години откако професорот Петковски докторирал на оваа тема. Има толку многу работи што ги носи новото време, и што еве се покажуваат дека се неопходни за да се оди напред. Само со враќање кон основните темели и нивно одржување, можеме да одиме напред во сите сфери. Како универзитетски професор можам само да кажам дека ваква посветеност кон предметот на интерс како што го покажува Кирил е реткост во нашите научни кругови“, вели Ана Мартиноска.

    Семејните врски и интерсот кон работата, сликарот и промотор Рубенс Корубин ги нарече молекула на животот. Тој кажа дека  Кирил е 40-годишен доктор по историја на уметност и по теорија на филм,  школуван во САД каде што студирал, магистрирал во Единбург, а докторирал во Париз. Визитинг професор е во Белград, професор е на ЕСРА, и стручен соработник за разни проекти во регионот.

    Го прашавме Пенушлиски што значи, по сите тие големи одбрани на теми од светската историја на уметност по светските универзитети, оваа монографија за него, која ќе има и втор дел – до смртта на Мартиновски во 1973, а тој вели:„ Пораснав во кревет со две слики од Мартин над мене. Со децении се дружам со него, иако сум роден по неговата смрт. Сметам дека како што Достоевски има кажано дека целата руска литература е излезена од шинелот на Гогољ, дека целото македонско сликарство е излезено од четкичките и од сликите на Мартиноски. Тој е прв“.

    Мартиноски со класата на Школата за убави уметности во Букурешт во 1920-те, каде што прв пат видел женски акт и вцрвил до уши

    Монографијата има 215 страници, колорни фотографии од дела, ексклузивни документи што прв пат се објавуваат по опсежните истажувања на Кирил во архиви кои се веќе и згаснати, копајќи по Солун, Букурешт, Белград, Дубровник, и се разбира во родното Крушево на Мартиноски. Како и по приватни архиви во земјава и во странство, по МАНУ, каде што Мартиноски беше член од првиот состав, по депоата на музеите низ земјава. Кирил во воведот пишува:„Голем дел од делата се во незавидна, опасна ситуација. Депоата, како и начинот на кој тие се чуваат се несоодветни и ако наскоро не се преземе ништо, штетата ќе биде огромна и трајна“.

    Никола Мартиноски со сопругата Злата Хаџилега, стапиле во брак во 1945, тој имал 41, а таа 24 години

    Никола Мартиноски бил висок и ковчест човек, не многу пријатен за друштво, имал мала дистинца кон другите, зборуваше академик Влада Урошевиќ, кој рече дека дури не наликувал на Македонец што се родил за време на Илинденското востание, на 18 август 1903 во Крушево, ами на руски гроф кој залутал наваму. Татко му на Никола, Коста, долго останал да работи во Романија, па местото каде што Мартиноски отишол со амин на татка си, на неговата смртна постела да учи за сликар, било Букурешт. Таму Мартиноски завршил на Школата за убави уметносто со прва нагарда, и тоа на акт. Тоа било околу 1921, па тој има речено: „Кога стапнав во ателјето и видов акт како позира, мене, навикнат на икони и на молитвена атмосфера, ми стана незгодно. Поцрвенев до уши“.

    Пред Академијата во Букурешт, тој во претшколска возраст се сели со своето семејство во Скопје, и едно време е чирак во работилницата на Димитрие Андонов-Зографот. Кај Папрадишки заедно со Личеноски, Пандилов, Владимирски почнуваат да го печат занаетот на мешање бои, а и прв пат виделе како се лепи злато на икона. Отако завршил како најдобар во Букурешт, Мартиноски одбил наградно патување на море, па ја предал наградата на вториот студент по него, и одбил стипендија во Париз. Сакал само да се врати дома.

    Мартиноски сликал автопортерти само 1929 до 1932, и тоа обично на втората страна од картонот или платното;- „Во кафеана/автопортрет“ од 1931

    Сепак, набрзо од Македонија заминува во тогашниот центар на прогресивната уметност Париз. За само една година, литературата вели дека до совршенство ги довел новите техники и стилови, се вклучил во Новата париска школа, во тогашната југословенска уметничка заедница во Париз. Кога се вратил во Македонија бил пред времето, тешко го прифаќале, па кариерата ја почнал со поголеми изложби и откупи надвор од Македонија.

    Книгата на Кирил Пенушлиски носи детални осврти и анализи на ликовното творештвото, на фазите, темите и мотивите на Мартиноски, особено во 1930-тите години и до 1945, кога еден период живее и во Крушево, каде што има Спомен куќа, и каде што во 1943 се жени со безмалку 20 години помладата Злата Хаџилега.

    „Акт“ сопственост на МАНУ

    Интересен е моментот кога во 1942 Мартиноски е веќе докажан сликар, а Македонија била под бугарска окупација, на изложбата организирана со бугарски уметници кои требале да ги отсликаат „ослободените краишта“ Мартиноски учествувал со делото „Жолта блуза“. Истата година Мартиноски имал самостојна изложба, по која бил повикан да одговара зошто третира мотиви несоодветни со целите, како што му рекле, на културната мисија на бугарската власт, зошто обработува теми на етничка група – Ромите. Тогаш бил обвинет дека шири комунистичка пропаганда.

    Овие факти се во монографијата наведени во научни цели за да се покаже интересот на Мартиноски кон неговата уметничка фаза која следи, а по која е познат во целиот свет. Оваа монографија е непроценлив извор за нови податоци за Никола Мартиноски, водечката фигура на македонската модерна кој ќе остане запаметен како портретист, уметик кој до совршенство ги дове техниките на импресионизмот, кубизмот, експресионизомот претворајќи ги во свој оригинален израз.

    Месецот на Никола Мартиноски продолжува на 11 мај со изложба во Мала станица, а на 16 мај следи предавањето на д-р Пенушлиски „Од Мартин до Мартиноски“.

    СЛУЧАЈОТ СО КАФЕАНАТА „ОКЕАН“ И  ФРЕСКИТЕ СО АКТОВИ

    За актовите, од првиот речиси наивен и школски женски акт, во монографијата има посебно поглавје каде што се разработува оваа тема во творештвото на првиот модерен сликар во современата македонска уметност, и има редок настан за кој јавноста не знае многу, до ова издание.

    На 10 април, 1937 Мартиноски е казнет со 50 динари или 1 ден во затвор за насликаните фрески на голи мажи и жени во кафеаната „Оаза“ во Скопје, а за тоа пишувал белградскиот весник „Политика“ (факсимил од текстот)

    Во средината на 1930-тите години, Мартиноски насликал фрески во огромни димензии со композиции на сосема голи мажи и жени во различни ситуации во кафеанска атмосфера, во кафеаната „Океан“, што би била некаде спроти денешен „Рамстор“ во центарот на Скопје, тогаш меѓу скопските улички. На газдата Дане не му одела добро работата, па го поканил Никола да му наслика нешто по ѕидовите, да ја декорира внатрешноста на локалот за да привлече внимание. Мартиноски, се мисли дека сликал со помошници, и за кусо време насликал фрески за кои има малку документи, и само еден текст во тогашна белградска „Политика“, од каде што може да се заклучи што имало на композициите по ѕидовите. Тоа биле 13 или 11 композиции на сосема голи луѓе, според едни извори на баханалии, а според други симболи на ода на љубовта. Пенушлиски вели дека треба да се прави разлика на слики со сцени од ноќен живот во делата на уметникот, пијаници и проститутки, и оние  во „Океан“ за кои вели ни покажуваат митска Аркадија во која виното слободно тече, а радоста на животот не замира.

    По завршувањето на фреските, времето е 1935 година, тие биле пријавени во полиција како порнографија која го навредува јавниот морал. Мартиноски морал да го брани своето дело пред тогашниот шеф на кривичната полиција, Путник, и успеал. Но набрзо, се јавиле од санитетската комисија која го забележала „невообичаениот изглед на кафеаната“. Полицијата заклучила дека ѕидовите се намачкани со порнографски слики и била формирана двочлена комисија која одлучила дека фреските се уметничко дело, но дека сугерираат извесни интервенции. Мартиноски се согласил, и направил интервенциии на „опасните“  делови. Сепак, комисијата сметала оти локалот не е во согласност со јавниот морал, и на 10 април, 1937 му пресудила казна на Мартиноски од 50 динари за стореното дело или 1 ден во затвор.

    На 14 април, 1937 Мартиноски поднел писмена жалба до Банската управа во Скопје. Повикувајќи се на одредбите од Уставот на тогашната држава, во кои науката и уметноста се слободни и уживаат заштитата од државата, Мартиноски истакнал дека, во конкретниот случај, неговите фрески биле уметнички дела.

    „Сосема е сеедно дали уметничкото дело е ставено на платно или на ѕид, дали се наоѓа  во некој салон или кафеана. Тоа останува уметничко дело. Тука нема место за шаблон, и суд  за такво дело не може да се  донесе врз основа на Законот за внатрешно уердување или врз основа на прописите на полициските налози“.

    „Мартиноски на комисијата која одлучила актовите да се облечат, не ѝ ја признал уметничката компетенција, а воедно го негирал правото на Управата на полицијата, таа да суди дали едно дело е уметничко или е порнографија. Тој решил, ако е одлучено против неговите аргументи да одлежи еден ден затвор, наместо да плати 50 динари. Епилогот за оваа случка е непознат, а скопските  дневни весници за целата врева околу случајот ‘Океан’ не донесуваат информации од судскиот процес“, пишува во монографијата на Кирил Пенушлиски.

    Монографијата опфаќа дел и за т.н. мецени и пријатели, каде што посебно место се одделува за Друштвото на пријателство „Јефимија“ кое има големо влијание во поддршката на Мартиноски и на јавниот живот во Скопје помеѓу двете светски војни, како и Милан Јовановиќ Стојмировиќ и Михајло Шкаперда. Куќата на Шкаперда е денешната Италијанска амбасада, па за пошироката јавност може да е интерсно оти тогашниот бизнисмен и љубител на уметноста го поканил Мартиноски да му наслика две фрески, а и да учествува во внатрешното уредување на вилата Шкаперда, што било прв пример на таква соработка во Македонија, а датира од 1930-тите години. Откако куќата била национализирана, фреските биле покриени со по неколку слоја боја, но пред 1980-тите години, откако Шкапреда веќе беше дел од националното богатство, со помош на Заводот за заштита на спомениците е успеано едната фреска, „Шумадиска идила“ да се врати во живот, додека другата е уништена со реконструкации на објектот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира