Прекумерната тежина или дебелината е растечка причина за појава на рак во Велика Британија, додека канцерогено заболување предизвикано од пушење се намалува, покажа најновата студија.
Истражувуњето за рак на Велика Британија, откри дека над една третина од сите канцерогени заболувања може да се избегнат, или кај околу 135.000 луѓе.
Студијата откри дека прекумерната тежина сега е причина за 6,3 отсто од сите случаи на рак, а во 2011 година таа беше фактор за појава на рак кај 5,5 отсто од случаите. За разлика од дебелината, се намалува бројот на случаи на рак предизвикани од пушење.
Според истражувачите потребен е здравствен третман за дебелината. Најмногу случаи на рак кои можеле да бидат превенирани откриени се во Шкотска, дури 42,5 отсто, потоа следи Северна Ирска со 38 отсто, Велс со 37 отсто и Англија со 37,3 отсто.
Низ Велика Британија пушењето и натаму останува водечка причина за појава на рак, кој може да се превенира, иако бројот на случаи е намален од 19,4 отсто во 2011 на 15,1 отсто сега.
Втора причина за појава на рак е дебелината, а третата е изложеност на УВ зраци од сонцето и од сончањето.
Стандардна процедура за да се утврди дали некој има прекумерна тежина или е дебел е пресметување на индексот на телесна тежина (БМИ), и тој се пресметува без оглед дали имате здрава тежина или повисока. БМИ над 25 значи дека имате прекумерна тежина, а над 30 значи дека сте дебели.
На Џенет Боак од Карлајл дијагностициран ѝ е рак на матка на 51 година, откако забележала дамки од крв четири години по менопаузата. Направена и е целосна хистеректомија со што целосно ѝ е отстранет ракот. За време на претходни прегледи кажано ѝ е дека нејзината дебелина е можен ризик за појава на рак, тогаш имала 127 килограми.
„Чувствував дека сум одговорна за мојата болест. Можеби немаше да се најдам во оваа позиција ако го променев начинот на живот“, вели Џенет четири години подоцна.
Џенет, која е баба, оттогаш ослабела 44 килограми, откако од исхраната го исфрлила шеќерот и почнала да готви поздрави оброци од свежи состојки и стана поактивна.
Истражувањето откри дека во Велика Британија прекумерната изложеност на УВ зрачењето е причина за појава на меланом кај 13.600 случаи годишно, или 3,8 отсто од сите видови канцерогени заболувања. Други фактори кои влијаат на појава на рак, а кои може да се спречат е пиењето алкохол и внесувањето храна со премалку влакна. Сепак бројот на случаи на рак кои можеле да се превенираат е намален, од 42,7 отсто во 2011 на 37,7 отсто.
Истражувањето покажа дека стратегиите за намалување на пушењето имале ефект, но дека е потребно поголемо залагање за да се намали бројот на случаи предизвикани од дебелината.