РЕМЕК-ДЕЛАТА НА КУЛТУРАТА НА КАЗАХСТАН КАКО СЛИКА ЗА ИСТОРИСКИТЕ ПОБЕДИ – ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ИЗЛОЖБАТА „ВЕЛИКАТА СТЕПА“ ВО СКОПЈЕ

    РЕМЕК-ДЕЛАТА НА КУЛТУРАТА НА КАЗАХСТАН КАКО СЛИКА ЗА ИСТОРИСКИТЕ ПОБЕДИ – ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ИЗЛОЖБАТА „ВЕЛИКАТА СТЕПА“ ВО СКОПЈЕИзложбата од Националниот музеј на Казахстан во Нур-Султан е дел од проектот „Патувањето на Златниот човек во музеите ширум светот“. Влезот е бесплатен. (Фото: К. Попов)

    Античката историја на Казахстан е претставена преку поставката „Великата степа: историја и култура“ во Археолошкиот музеј во Скопје, која ќе трае до 11 август, а влезот е бесплатен. Богатството на великата степа, победите и степските империи се претставени преку 292 ексклузивни предмети како: накит, предмети со рунски натписи, воена опрема, коњска опрема и традиционални ракотворби.

    (Фото: К. Попов)

    Во фокусот на изложбата е симболот на Казахстан, Златниот човек или казахстанскиот Тутанкамон, кој датира од 5. век пред нашата ера и кого научниците го идентификуваат како воин на народот Сака. Изложбата од Националниот музеј на Казахстан во Нур-Султан е дел од проектот „Патувањето на Златниот човек во музеите ширум светот“. Влезот е бесплатен.

    На отворањето на изложбата во четвртокот настапи ансамбл од Казахстан (Фото: К. Попов)

    „На изложбата се претставени древни уметнички дела, кои се непроценливо богатство на великата степа. Овие уметнички дела се тивки сведоци на историјата на степските империи, прикажуваат сцени кои раскажуваат за големи победи и неверојатни историски настани. Секој предмет станува мистерија со скриен код. Целта на изложбата е да се разбере значењето, перцепцијата и да се бара клучот за кодот на секој предмет“, вели директорот на Националниот музеј Нуразхан Алмаз Шајкенович.

    (Фото: К. Попов)

    Современ независен Казахстан е наследник на племињата и народите кои ја населувале великата степа во текот на илјадници години. Во степата беше создадена уникатна цивилизација, која во текот на историјата динамично се разви. Природната причина за особеноста на степската цивилизација е фактот дека Казахстан се наоѓа во центарот на Евроазија.

    (Фото: К. Попов)

    „Токму тука за првпат беше припиотмен дивиот коњ, со што се постави темелот за развојот на степата и блaгодарение на тоа се формираа номадскиот светоглед и социокултурниот простор. Токму тука се случи развојот на депозити и создавањето металуршки центри. Технолошкиот напредок на различни епохи стана најважниот составен елемент на степската цивилизација“, велат од Националниот музеј.

    (Фото: К. Попов)

    Повеќето од предметите се направени како фигури на животни и често се изработени од злато. Овој стил е толку уникатен што не може да се измеша со нешто друго. Ова е наследството од првите степски држави од раното железно време. Способноста да се совладаат својствата на материјалот, беспрекорниот вкус, способноста да се пренесат најважните аспекти на животот на животните, брилијантното мајсторство на технологијата, сите овие компоненти довеле до создавање ремек-дела.

    (Фото: К. Попов)

    Во Казахстан досега се откриени осум гробови на т.н. Златни луѓе. На изложбата заедно со Златниот човек од Иссик, се претставени и археолошки артефакти откриени во тумулите во Берел (Казахстански Алтај), Таксаи 1 (Западен Казахстан) и Талди 2 (Сарјарка). Ова, велат од Музејот, е мистериозен код на предмети, сочуван две и пол илјади години во традицијата на номадските народи.

    Златниот човек од Иссик (Фото: К. Попов)

    „На изложбата се фокусираме на древниот туркиски период во историјата на великата степа. Древните Туркијци станаа достојни наследници на големите претци, а истовремено и степенот на трансформација што ги постигнаа, секако даде најдобри резултати. Резултатот од промените што настанале под туркиските знамиња бил свет кој обединил многу народи и култури“, велат од Музејот од Казахстан.

    Традицијата на Сака е длабоко вкоренета во културата на модерните Казахстанци. Казахстанските мајстори зергери, работејќи главно во сребро, совршено ја совладале сложената техника на изработка на накит: втиснување, гравирање, цизелирање, скањ, засекување, поцрнување. Женскиот накит како што се: ониржијек – накит за гради, билезик – белегзии, жузик – прстени, салпиншакти сиргалар -обетки со привезоци и други, се изненадувачки блиску до таканаречениот полихромен стил познат уште од 4-5 век од н. е.

    (Фото: К. Попов)

    Во изминативе две години, во рамките на овој меѓународен проект, изложбата беше поставена во Минск, Москва, Баку, Шиан (Кина), Гдањск и Сеул. Годинава, изложбата беше во Казан (Руската Федерација) и Ташкент (Узбекистан), а во наредниот период ќе патува и во Источна Азија (Јапонија, Кореја), Југоисточна Азија (Кина, Малезија), Европа (Обединетото Кралство, Австрија, Франција, Турција, Италија, Шпанија) и САД.

    (Фото: К. Попов)

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари