РУСКИОТ ИНЖЕНЕР ВАЛЕРИЈ ГУСЕВ ЈА СОЗДАЛ ФАСАДАТА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ВО 1920-ТЕ

    РУСКИОТ ИНЖЕНЕР ВАЛЕРИЈ ГУСЕВ ЈА СОЗДАЛ ФАСАДАТА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ВО 1920-ТЕОфицерски дом во Битола сега се реставрира со пари од ИПА фондови.(Фото: СДК.МК)

    Префинетите делови од фасадата со која воодушевува Офицерскиот дом во Битола, поради што и се нарекува битолски Версај, се дело на натурализираниот битолчанец, инженерот од Русија Валериј Гусев, открива хроничарот на Битола, професорот во пензија Александар Стерјовски во неговата најнова книга „Градби“, која деновиве излезе од печат. Во неа тој објаснува дека градбата на објектот почнала во 1909 година според планот на двајца архитекти Италијанци, но потоа претрпела две несреќи.

    Имено, објектот бил гранатиран на 13 март 1917 за време на Првата светска војна, кога биле оштетени и 31 друг објект во градот. Тоа не била единствената несреќа на оваа градба, зашто во 1922 при експлозијата на Џепането претрпел материјлана штета.

    Градбата на објектот почнала во 1909 година според планот на двајца архитекти Италијанци, но потоа претрпела две несреќи. (Фото: СДК.МК)

    По овие настани, офицери во тоа време покренале акција за негова обнова. Се обратиле и до тогашните државни институции, но не ја собрале очекуваната сума. Одлучиле да донираат лични средства, а кон донацијата се приклучиле и граѓани на Битола.

    „Во обновата со свои архитектонски решенија го вклучиле и натурализираниот битолчанец, рускиот инженер Валериј Гусев, кој посебен прилог дал врз изведбата на фасадата и ако објектов денес воодушевува со неа, заслугата најмногу е негова. За жал, нацртите не можевме да ги пронајдеме, макар што информациите говореа дека биле одземени од наследниците на имотот на Гусев, од лица порано вработени во битолската Општина со образложение дека се потребни за некаква градежна интервенција“, пишува Стерјовски.

    Во 1923 година, за првпат била искористена и концерната сала за музички настапи, рецитали, а учениците од училиштата извеле и драмски текст. Дури во 1933 била оспособена и терасата и отстапена за потребите на граѓанството за културни настани и другарски вечери.

    Според минатото на Офицерскиот дом, неговото руинирање во 21 век всушност беше третата опасност по неговиот опстанок. Долгогодишната негрижа на локалните и државните власти го имаа доведено на работ на распаѓање.

    Деновиве, во рамките на реставрацијата во концертната сала прикачен е нов лустер од Турција, налик на стариот кој беше оштетен пред четири години. (Фото: СДК.МК)

    Реставрацијата ја започна Општина Битола пред година и половина преку проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот Регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“. За проектот Општината доби средства од европските ИПА фондови. Вкупната вредност е 58.792.610 денари (околу 950.000 евра), од кои Општината обезбеди над 5,8 милиони (околу 90.000 евра). Дополнително, од локалната самоуправа се вложени два милиона денари (околу 32.000 евра) во атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа.

    Веќе е реставрирана фасадата во оригинален стил и боја, обновен ентериерот, витражот, дограмата, интарзивниот паркет, светлечките тела, а деновиве беше прикачен и нов лустер од Турција во концертната сала, налик на стариот кој беше оштетен пред четири години, а ќе биде репариран и поставен во изложбен салон во битолскиот Завод и музеј.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира