СААТ КУЛАТА ВО ШТИП ПОВТОРНО ПОЧНА ДА ЧУКА ПО ДЕСЕТ ГОДИНИ

    СААТ КУЛАТА ВО ШТИП ПОВТОРНО ПОЧНА ДА ЧУКА ПО ДЕСЕТ ГОДИНИЗа тоа што сега повторно проработи штипскиот градски часовник најзаслужен е големиот ентузијаст Никола Камчев, кој како мајстор самоиницијативно се зафати зарѓаниот часовник да го подмачка, да ги обнови сајлите и да го стави во функција да работи и повторно да чука (Фото: СДК.МК)

    На постарите штипјани живот им значеше градскиот саат. Неговото чукање сите го чуствуваат како чукање на нивното срце. Живот им значеше посебно на оние кои живееја или работеа во непосредна близина на градскиот саат, како што се попот Стојче Петров, неговиот син Благој првиот техничар во Радио Штип, на старите мајстори Камчеви, на саатчијата Аџиандов , на угостителот Буката  и на учителот Ристо Донев кој имаше кондураџиски дуќан на два метри од саат кулата во Штип. Нивните животи згаснаа пред десетина години кога престана да чука срцето на градот, градскиот саат.

    Саат кулата висока дваесетина метри првично била осмотрачница, а за љубопитните денес кои се искачуваат на врвот да фотографираат панорами кон сите страни на градот (Фото: СДК.МК)

    Деновиве, со најновото негово отчукување што се случува по една деценија, ностолгично и со многу емоции се врати животот на многумина штипјани. Деценискиот молк на градскиот саат, како што штипјани милуваат да го нарекуваат, беше тажно, оти долгогодишното и редовно чукање на саатот на секој час им се врежало во сеќавањето.

    Според некои податоци, саат кулата почнала да се гради пред 4 века, а часовникот бил донесен во поново време и бил набавен од Австрија. Првично саатот почнал да им смета на штипјани, но тие брзо се навикнале на неговото деноноќно чукање па затоа тешко им дошло кога саатот престанал да чука за подолго време. Порано, кога се намало часовници, штипјани преку денот, а посебно навечер не морале да стануваат па да ги гледаат своите собни часовници, туку во сон го слушале озвонувањето на часот.

    Старата тешка часовничарска машинерија за неколку години молк рѓосала па мајстор Коле морал неколку недели да ја подмачкува (Фото: СДК.МК)

    Кога во претходната деценија саат кулата замолкна, повеќе поединци и институции се натегаа кој ќе го врати во живот градскиот часовник, дали Заводот музеј, донатори бизнисмени или локалните власти. Но, сите оставија дури десет години часвникот да не чука. За тоа што сега повторно проработи најзаслужен е големиот ентузијаст Никола Камчев, кој како мајстор самоиницијативно се зафати зарѓаниот часовник да го подмачка, да ги обнови сајлите и да го стави во функција да работи и повторно да чука. Исто како и порано, неговото чукање се слуша насекаде во центарот на Штип, а со оглед на конфигурацијата и во населбите во градот.

    „Татко ми Иле беше дел од овој град и од градскиот саат. Саато (штипјани така го викаат, без т на крајот ) беше срцето на градот и на неговите жители. Ми кажувале дека покрај нив и повеќе други помагале саато да чука. Го одржувале и саатчијата Аџиандов, а меѓу последните беше Ристо Донев – учителот, кој по пензионирањето почна да работи како кондураџија во дуќанот од татко му веднаш до саат кулата“, вели Камчев кој решил да се посвети на градскиот часовник.

    Камчев работел неколку недели. Биле подмачкани сите стари орудија. Дошол до првото отчукување на саатот што со векови биеше на секој час. Сега, часовникот понекогаш грешел за нецела минута. Смета дека има уште многу работи да се средат со оваа стара, но мошне прецизна машинерија да биде дигитрон. Според него, часовникот е како Швајцарец иако бил донесен од Австрија. Вели дека треба да се среди и пристапот до саат кулата и внатрешноста на објектот стар четири века. Но, целиот комплекс како историски и културен споменик треба комплетно да се реставрира. Тој се надева дека ќе добие конкретна помош која деновиве му била ветена од јавните претпријатија и од Општината. А на него не му пречи секој ден да се качува на саат кулата и да го свернува часовникот.

    Саат кулата во Штип е стара 4 века; – разгледница од почетокот на 20. век (Фото: СДК.МК)

    Популарното штипско радио кое повеќе не постои, заедно со градскиот саат беа мошне значајни белези на Штип. Почетоците на програмата на ова радио пред 70 години биле од куќата на првиот техничар и основоположник на радиото Благој Петров, кој почина кога саатот престана да се слуша. Неговата куќа се наоѓа веднаш до градската саат кула. Пробната програма на Радио Штип почнала да се емитува точно на први мај 1960 од куќата на семејството Петрови.

    Главата на куќата бил поп Стојче, чии двајца синови се интересирале за физиката и радио- техниката, и тој воопшто не сакал да ги спречува во нивните афинитети. Благој го создал првото студио кое од нивната дневна соба емитувало програма во живо. Имало директен пренос од првомајската парада, но истовремено поради немање изолација на студиото на секој час се слушало чукањето на градскиот саат, па слушателите кои имале радиоапарати дома и преку звучниците што биле поставени по дрвјата од двете страни на реката Отиња знаеле колку е часот. Поп Стојче и неговите синови помагале и околу навивањето на градскиот саат што требало да се врши еднаш во денот.

    Од другата страна на саат кулата, висока дваесетина метри и која во турско најпрвин служела за осматрачница, се наоѓа куќата на угостителското семејство на Пане Буката. Нивната кафеана со години се наоѓаше пред градскиот саат.

    „Гостите не можеа да се заборават во кафеаната затоа што чукањето на саато ги опоменуваше. Најдолгото чукање од 12 пати во ноќта истовремено означуваше фајронт за гостите и тие тоа го почитуваа и си заминуваа дома“, вели сопственикот на кафената која повеќе не е тоа, туку семејна куќа на пензионерот Ристе Богоев, син на сопственикот на кафеаната „Бука“.

    Неговата сопруга Цвета открива дека тој овие десетина години здравствено не бил баш најдобар, но кога деновиве дома го слушнал звоното како чука над нивната куќа од радост солзи му дошле на очи. Сега и подобро се чуствувал.

    На програмата на Радио Штип редовно секоја година за новите слушатели и сограѓани се емитувале документарни емисии за градскиот часовник. Се повторувала легендата дека саат кулата била желба на една убава штипјанка по име Анка, што бегот многу ја засакал и сакал да ја потурчи. Неговото име во ниту еден документ не се наведува. Анка за да го отргне од намерите побарала според неа нешто невозможно, а тоа било кулата да биде градски часовник и да бие секој час. Бегот правел што правел и за кратко време од градската кула почнало да се слуша биењето на часовникот. Убавата мома се уверила дека бегот навистина многу ја сака.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира