СЕ ПРЕПРАВАМ ДЕКА СУМ СЛОБОДЕН ДА ПРАВАМ ШТО САКАМ, ВЕЛИ ПОБЕДНИКОТ НА БЕРЛИНАЛЕ РАСУЛОФ КОЈ Е КАЗНЕТ СО ЗАТВОР ВО ИРАН

    СЕ ПРЕПРАВАМ ДЕКА СУМ СЛОБОДЕН ДА ПРАВАМ ШТО САКАМ, ВЕЛИ ПОБЕДНИКОТ НА БЕРЛИНАЛЕ РАСУЛОФ КОЈ Е КАЗНЕТ СО ЗАТВОР ВО ИРАНРасулоф е обвинет за „загрозување на националната безбедност“ и за „пропаганда против исламската влада“. Лани, поради неговите филмови беше осуден од иранските власти на една година затвор и две години забрана за патување. (Фото: ИМДБ)

    Иранскиот режисер Мохамед Расулоф, чиј филм „Не постои зло“ во саботата доби Златна мечка на Берлинале, не присуствуваше на церемонијата во Германија, затоа што минатото лето поради неговите филмови беше осуден од иранските власти на една година затвор и две години забрана за патување. Расулоф е обвинет за „загрозување на националната безбедност“ и за „пропаганда против исламската влада“ и  денеска доби повик да се јави в затвор на отслужување на казната . Исто така, забрането му е во период од две години да членува во какви било политички или општествени организации.

    Низ неговата кариера Расулоф, кој главно живееше во Хамбург каде е сѐ уште неговото семејство, беше доста критикуван од иранските власти поради политичката содржина на неговите филмови. Во септември 2017, после проекцијата на филмот „Човек со интегритет“ на Филмскиот фестивал Телјурајд во Колорадо, на враќањето за Техеран пасошот му бил запленет од иранските власти и оттогаш не може да патува.

    „Мојата ситуација е непредвидлива и системот со кој се конфронтирам е толку нерационален, што не можам ништо да предвидам нити да претпоставувам што ќе се случува во иднина“, вели Расулоф. (Фото: Дојче веле)

    Претходно, во 2013 слична ситација му се случи при посетата на Техеран, неколку месеци по премиерата на неговиот филм „Ракописите не горат“ на Канскиот филмски фестивал. Во тоа време, доби забрана од девет месеци да го напушта Иран и забрана да снима филмови 20 години.

    Засега, Расулоф живее под стриктни ограничувања.

    „Казната не е правосилна и сѐ уште не сум отишол во затвор. Забраната за патување кај и да е треба да заврши, но изгледа властите немаат желба да ми го вратат пасошот. Мојата ситуација е непредвидлива и системот со кој се конфронтирам е толку нерационален, што не можам ништо да предвидам нити да претпоставувам што ќе се случува во иднина. Луѓето како мене немаат избор, освен да се обидуваат да наоѓаат некои мали прозорци за да избегаат од притисокот“, изјави режисерот за „Скрин дејли“ за време на Берлиналето.

    За тоа како го снимил филмот и покрај забраната, Расулоф вели дека бил поделен на четири кратки фимови, и секој бил снимен од различен режисер, но сите работеле според негови инструкции.

    „Се преправавме дека филмовите не се поврзани. Се снимаа на различни локации и во различни временски периоди, со различни екипи. Никаде не се појавуваше моето име “, вели режисерот.

    Награта Златна мечка за најдобар филм ја подигна екипата на „Не постои зло“. (Фото: ЕПА )

    Какви и да бидат мерките против него, Расулоф вели дека не сака да живее во бегство.

    „Културата која најдобро ја познавам, луѓето кои најдобро ги знам, со кои сум најприврзан и кои најмногу ги сакам се тука, во Иран. Ова е културата и географија која ме инспирира за мојата работа и мојот живот. Ова е местото каде припаѓам“, изјави иранскиот режисер.

    Тој најавува дека работи на нови проекти.

    „Понекогаш сум обземен од страв и болка – што ако морам да одам во затвор, што ако не можам да работам повеќе. Потоа, многу брзо се освестувам и сфаќам дека не смеам така да размислувам. Мора да се преправам дека нема ограничувања и дека сум слободен да правам што сакам. Досега секогаш наоѓав начини да ги прескокнам овие пречки и да најдам начин за да создавам“, вели Расулоф.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари