Кога Афра беше пронајдена под урнатините на зграда во Сирија, таа сѐ уште беше поврзана со папочната врвка со мајка ѝ, која почина веднаш по породувањето. Видеото од спасувањето на бебето по катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија во февруари го обиколи светот.
Афра сега има шест месеци и е весело и здраво бебе. Нејзините вујко и вујна ја одгледуваат заедно со нивните седум деца во сирискиот град Џиндарис недалеку од турската граница.
„Афра е сѐ уште многу мала, но многу личи на татко ѝ и на нејзината сестра Навара, особено кога се смее. Тие исто така загинаа во земјотресот“, вели вујкото Халил ал-Савади.
На 6 февруари, катастрофален земјотрес ги погоди југоистокот на Турција и северот на Сирија, при што загинаа над 44.000 луѓе. Меѓу тешко настраданите градови беше и Џиндарис, каде што мајката на Афра се породи под урнатините и почина пред да дојдат спасувачите. Бебето Афра е единствениот член на нејзиното најблиско семејство кој го преживеа земјотресот.
„Покривот беше паднат врз нив. Откако ми кажаа дека е пронајдено женско тело, почнав да копам и слушнав глас. Тоа беше бебе сѐ уште поврзано со мајка ѝ. Бевме решени да го спасиме“, раскажува Халил.
Бебето беше пренесено во болница и во прв момент го доби името Аја, што значи чудо на арапски. Лекарите кажаа дека имало модринки и едвај дишело. Шест месеци подоцна, Афра нема никакви видливи повреди.
Иако илјадници луѓе од цел свет се понудија да ја посвојат, Халил и неговата сопруга Хала решија да не го дозволат тоа. Ѝ го дадоа името Афра, според покојната мајка.
„Таа е едно од моите деца сега. Кога ќе порасне, ќе ѝ кажам што се случило“, вели Халил, чија сопруга исто така беше бремена во моментот на земјотресот и се породи три дена подоцна.
Семејството Ал-Савади прво живеело во шатор во камп два месеца, а сега престојува во изнајмена куќа, но не знае уште колку долго ќе остане во неа.