Оригинални македонски носии со фасцинантни декорации на везови и бои, кошули, свилени марами, накит и над 200 предмети се изложени во Дубровачки музеи – Етнографски музеј Рупа во Дубровник, Хрватска. Најголемиот дел од примероците биле собрани порано на македонска територија од Јелка Миш, која својот работен век го посветила на собирање носии од регионите од поранешна Југославија, а потоа ги подарила на Музејот во Дубровник. Останатиот дел се сочувани од заедничка изложба на ниво на ФНР Југославија, која била претставена во западноевропските земји и потоа подарени на Етнографскиот музеј во Дубровник.
Автор на изложбата наречена „Скриеното богатство на Македонија – убавина која не познава граници“ е Бранка Хајдиќ, етнолог виш кустос. Меѓу стручните соработници е и Наде Геневска-Брачиќ, етнолог, кустос-советник од Завод и музеј Битола, етнологот и професор од Штипскиот универзитет Владимир Јаневски и етнолог-кустосот Ивица Кипре. Поставката е на Ивона Мичл.
„За предвидената реализација на изложбата во 2020 да биде поставена во Дубровачки музеи – Етнографски Музеј во Дубровник, од двата музеи во 2019 беа поднесени апликации за одобрување средства до Министерствата за култура на Хрватска и Северна Македонија. Колегите од Дубровачки музеи ги добија предвидените средства за реализација на изложбата, додека Завод и музеј Битола, не ги доби предвидените средства за реализација на изложбата со образложение дека овој проект не е во согласност со приоритетите на Министерството за култура и не може да се утврди национален интерес“, вели Геневска-Брачиќ.
„Изложени се сочувани примероци од македонските носии и везови од крајот на 19. и почетокот на 20. век, кои се карактеристични примери во хронолошкиот развој на создавање на носијата. Во оваа збирка сочувани се во поголем број кошули, единечни облековни елементи, шајаци, додека комплетни носии се во мал број. Од посебен интерес се везени свилени марами со златовез и сокаите. Предметите според своите естетски и симболични значења се од голема важност во создавањето на македонските народни носии“, вели етнологот Наде Геневска-Брачиќ.
Збирката се состои од носии и везови од етнографските етнички целини: Горни битолски села, Битолско- Прилепско Поле, Демирхисарско, Преспа, Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Тетовско, Кичевско, Порече и само фрагментарно се опфатени Мијаците.
Интересот за оваа значајна колекција е инициран од Геневска-Брачиќ уште пред повеќе години, па во 2016 беше одобрен проектот од Министерството за култура со кој започнаа истражувањата во колекцијата која дотогаш не беше обработена. Беше потпишан и договор за соработка помеѓу Музејот во Дубровник и Музејот во Битола. Во изминатите години експерти од двете институции соработуваа во идентификација, обработка и селекција на предметите.
Планирано е изложбата да биде поставена во просториите на Завод и музеј Битола ако се одобрат средства од македонското Министерство за култура.
Ж. ЗДРАВКОВСКА