СКУЛПТУРАТА „ХУМАНО СРЦЕ“ НА ВАЈАРОТ СМИЛКОВ ВО ГАЛЕРИСКИОТ КОМПЛЕКС НА ОТВОРЕНО ВО ЕГИПЕТ

    СКУЛПТУРАТА „ХУМАНО СРЦЕ“  НА ВАЈАРОТ СМИЛКОВ  ВО ГАЛЕРИСКИОТ КОМПЛЕКС НА ОТВОРЕНО ВО ЕГИПЕТСкулптурата „Хумано срце“ на штипскиот вајар Никола Смилков е единствената скулптура од Македонија во националнииот меморијален комплекс во Шарм Ел Шеик, а авторот ја изработил во уметничкиот центар при престојот во Египет. (Фото: од архивата на Никола Смилков)

    За прв пат македонска скулптура трајно ќе остане во големата отворена уметничка галерија во Египет, сместена во најтуристичката дестинација во оваа земја, Шарм ел Шеик. Од минатиот месец, во големиот меморијален уметнички комплекс во Египет е изложено делото „Хумано срце“ на македонски вајар Никола Смилков, кој на светскиот форум беше единствен преставник од Македонија.

    Целиот уметнички комплекс како огромен споменик, всушност, е мозаик од скулптури на човечко срце, осмислен од светски реномираната дизајнерка Шоша Камал и има оригинална уметничка презентација на 195 реномирани уметници, преставници на исто толку земји во светот меѓу нив и од Македонија.

    „Горд сум што се најдов во друштво на плејада светски уметници и многу сум задоволен што мојата скулптура со македонско обележје веќе е дел од оваа отворена светска галерија. Скулптурата ја изработив за време престојот во Египет на квалитетен египетски мермер. Таа преставува човечко срце од кое извираат две фигури. Идејата е дека едната со другата си помагаат. Па и основното мото на форумот беше оживување на хуманоста“, вели проф. д-р Никола Смилков и додава:

    „Во рамките на светскиот форум што го отвори претседателот на Египет се одржа и симпозиум на тема хуманата компонента на човештвото и обединување на целиот свет во  мисија на оживување на заборавената хуманост, изгубена во многуте војни, несреќи и тероризам. Инспириран од човечкото срце – вечниот симбол на емоциите и чуствата, овој споменик е замислен да биде потсетник за светот дека оживувањето на хуманоста стана потреба, а не луксуз“, вели Смилков.

    Скулптурите и останатите уметнички дела адекватно се обезбедени, имаат непроценлива вредност и се под заштита на држвата и претседателот на Египет. Организаторот на овој светски проект очекува огромниот меморијален комплекс да биде постојано отворен и да биде главна туристичка атракција и место за собир на уметниците од целиот свет. За да се видат делата во секое време, комплексот ќе работи без прекин и преку денот и преку ноќта.

    Никола Смилков (45) моментно е единствен штипски вајар кој живее и работи во Штип. Професор е на Универзитетот „Гоце Делчев“. Изложувал во дваесетина градови во целиот свет. Негови скулптури се наоѓаат во најпознатите уметнички центри во Австрија, Словенија, Црна Гора, Турција и Индија. Учествувал на групни изложби во Париз и Берлин, а на пролет ќе изложува и во Италија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира