СО ПАНАЃУР НЕ СЕ ПРАВИ ЕЛИТЕН ТУРИЗАМ, ОВАА СЕЗОНА ВО ОХРИД ТРЕБА ДА СЕ ЗАБОРАВИ

    СО ПАНАЃУР НЕ СЕ ПРАВИ ЕЛИТЕН ТУРИЗАМ, ОВАА СЕЗОНА ВО ОХРИД ТРЕБА ДА СЕ ЗАБОРАВИОд вкупно 565 објекти, апартмани, хотели вили и приватни куќи од Охрид кои се нудат на интернет страната booking.com дури 325 се со висока оценка над 9 и тоа Охрид не смее да не го искористи во иднина, велат туристичките работници.Поглед на црквата во Канео в зима (Фото: Ѓ.Личовски)

    Околу 100.000 евра наплатила Општина Охрид за туристичка такса за првите 9 месеци од годинава. Од Општината велат дека годинава поради пандемијата на коронавирусот намалена е наплатата на туристичката такса споредено со другите години.

    Во општинската каса за првите 9 месеци од туристичка такса влезени се вкупно 6. 574. 024 денари, од кои 5.962.050 денари се од хотелите, а 611.974 денари се средства од приватното сместување. Туристичките работници исто така оваа летна сезона ја оценуваат како лоша бидејќи фалеа странските гости, кои оставале повеќе пари и се сместувале во поскапи хотели и апартмани.

    Од Општина Охрид велат дека приватните сместувачки капацитети последниве години бележат подобрување и во бројот на легла и во нивниот комфор. На гостите им се нуди најквалитетниот сместувачки капацитет, не само на ниво на државата туку и во регионот.

    Од Секторот за туризам и локален економски развој (ТЛЕР) издадени се решенија за категоризација на сместувачките објекти на 2.998 издавачи на станови кои располагаат со 15.803 легла . Во регистарот се запишани 611 апартмани, 4.277 соби, 514 станови и 4 куќи.

    „Можеме слободно да кажеме дека голем дел од физичките лица кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Охрид се категоризирани, но сѐ уште се поднесуваат барања за категоризација бидејќи голем број објекти се новоизградени, постојните се реновираат и категоризацијата е постојан процес. Би сакал да напоменам дека решенијата за категоризација се со важност од три години и по истекот на овој рок треба да се продолжуваат, вели Илкер Мустафа од ТЛЕР.

    Во општинската каса за првите 9 месеци од туристичка такса влезени се вкупно 6. 574. 024 денари, од кои 5.962.050 денари се од хотелите, а 611.974 денари се средства од приватното сместување. (Фото: СДК.МК)

    Мустафа вели дека Правилникот за категоризација за исполнување на стандардите според кој се дава и ознаката за квалитет треба да претрпи измени. Сместувачките капацитети нуделе услови за повисоки оценки, а се категоризирале во две категории, стандард и комфорт, со една или две ѕвезди.

    „Согласно правилникот за категоризација физичките лица се категоризираат со две категории односно стандард со една ѕвезда и комфорт со две ѕвезди со кој правилник секторот за ТЛЕР не се согласува имајќи го  предвид квалитетот на сместувачките капацитети. Во неколку наврати предложивме Правилникот за категоризација да претрпи законски измени за да се категоризираат со повисока категорија, која искрено и ја заслужуваат. Охрид е туристички град и токму во таа насока потребно е да нуди квалитетна туристичка понуда знаејќи дека имаме големата конкуренција од другите туристички места“, вели Мустафа.

    Сместувачките капацитети во Охрид имаат високи оценки и на најголемиот интернет сервис за онлајн закажување booking.com. Од вкупно 565 објекти, апартмани, хотели вили и приватни куќи од Охрид дури 325 се со висока оценка над 9.

    На богатите гости кои сакаат да трошат пари на добра храна и вино им велите да си одат, а им се дава можност на разни киосци за брза и евтина храна да работаат 24 часа. Со панаѓур и тезги на самиот кеј, турбо-фолк музиката до раните утрински часови, рингишпили и подвижни киосци на секој ќош не се развива елитен туризам – кејот во центарот на градот (Фото: СДК.МК)

    Добрите оценки пак според сопствениците на објектите носат и квалитетни гости. Но, годинава корона кризата најмногу го погоди туризмот, па дел од собите ова лето останаа и празни.

    Андријана Башоска, сопственичка на апартмани за сместување во стариот дел на Охрид, вели дека поради мерките за коронавирусот годинава не ги отвориле вратите за туристите.

    „Оваа година поради мерките за ковид-19 кои се менуваа секој момент, не издававме соби и додека траат мерките нема да издаваме. Бевме на букинг, но кога започна пандемијата се повлековме бидејќи многу често мерките се менуваат, па да не се доведеме во ситуација да откажеме резервација некому“,  вели Башоска.

    Коронавирусот годинава донесе бројни домашни гости во Охрид, но со тоа уште еднаш се потврди дека бројот на посетители не секогаш е репер за добра туристичка сезона. Ваквата состојба по којзнае кој пат ja отвори темата каков туризам му е потребен на градот.

    „Ковид сезоната во Охрид не можеме да ја земеме како репер, бидејќи отсуствуваа туристи од странство и затоа сезоната траеше едвај еден месец. Всушност, туристичката 2020 година првенствено ја покажа реалната слика за домашните туристи. За жал, тие оставија екстремно лош впечаток. Генерализирањето е секогаш погрешно, никој не тврди дека сите домашни туристи се лоши. Сепак, ова лето во Охрид доминираше некултура, екстремна еколошка несовесност, некоректен однос кон домаќините, но и неадекватен однос кон сопственото културно – историско наследство. Во ситуација кога туристите првенствено инсистираат на ниски цени, верувам дека некои места, како на пример Пештани или Трпејца, оваа сезона поминаа добро. Но тоа е само општ впечаток. Објективно, сезона која трае само еден месец треба што побрзо да се заборави“, вели професорот од Факултетот за туризам, д-р Зоран Тунтев.

    Професорот Тунтев потсетува дека ова е актуелна тема, откако постои туризмот во Охрид. Но, градот како што вели, години наназад испраќа погрешна порака со која ги брка богатите гости.

    „И после толку години, ние сè уште немаме јасен став околу тоа каков вид туризам треба да развиваме. Охрид долги години испраќа погрешна порака.  Рестораните во Охрид имаат работно време до полноќ, а кујната затвора во 23 часот. Со тоа им велите на богатите гости кои сакаат да трошат пари на добра храна и вино да си одат. Од друга страна, им давате можност на разни киосци за брза и евтина храна со сомнителен квалитет, да работаат 24 часа. Со панаѓур и тезги на самиот кеј, турбо-фолк музиката до раните утрински часови, рингишпили и подвижни киосци на секој ќош не се развива елитен туризам“. смета Тунтев.

    Тристичките работници сметаат дека Охрид треба да ги користи културно – историските споменици, природното богатство, големиот број на културно-уметнички, забавни и спортски настани и манифестации, квалитетот на сместувачите капацитети и аеродромот за привлекување квалитетни гости и развивање на елитен туризам. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Според туристичките работници Охрид треба да ги користи културно – историските споменици, природното богатство, големиот број на културно-уметнички, забавни и спортски настани и манифестации, квалитетот на сместувачите капацитети и аеродромот за привлекување квалитетни гости и развивање на елитен туризам.

    „Каков туризам треба да развиваме е осетливо прашање и потребно е да се направи анализа и да се донесат заклучоци. Охрид е туристички бисер, поседува  културно-историско богаство, природно богаство што треба максимално да се искористи, хотелските капацитети, ресторани и сето друго кое е директно или индиректно поврзано со туризам. Квалитетната туристичка промоција која Општина Охрид ја нуди пред меѓународните туристички саеми и берзи, во туристичките магазини и ТВ куќи треба да донесе квалитетни гости. Би сакале да спомнеме дека во моментот во Факултетот за туризам и угостителство во завршна фаза е нацрт стратегијата за туризам  како насока по која Охрид ќе треба да проработи на туризмот“, велат од ТЛЕР.

    С.ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира