СОМНЕЖИТЕ НЕ МЕ ОБЕСХРАБРУВААТ ДА БИДАМ ПОЖАРНИКАРКА, ВЕЛИ МЕНКА СТОЈАНОСКА, ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА МЕЃУ 19 НОВОВРАБОТЕНИ ВО СКОПСКАТА ПОЖАРНА

    СОМНЕЖИТЕ НЕ МЕ ОБЕСХРАБРУВААТ ДА БИДАМ ПОЖАРНИКАРКА, ВЕЛИ МЕНКА СТОЈАНОСКА, ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА МЕЃУ 19 НОВОВРАБОТЕНИ ВО СКОПСКАТА ПОЖАРНАОваа професија има хуман карактер и е од јавен интерес, вели Менка Стојаноска која пред 3 години решила да биде пожарникарка, а лани на огласот во Град Скопје била единствена девојка меѓу 60 пријавени кандидати. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Менка Стојаноска од Скопје е единствената жена меѓу 19 нови пожарникари кои беа избрани на конкурсот на Град Скопје за подмладување на Бригадата за противпожарна заштита. Стојаноска (29) сега е втора жена меѓу 190 пожарникари кои секојдневно гасат пожари низ градот и интервенираат при сообраќајни и други несреќи.

    Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК таа вели дека желбата да биде пожарникарка, се јавила пред 3 години бидејќи оваа професија има хуман карактер и е од јавен интерес.

    „Желбата да се пријавам за пожарникарка спасител се појави сосема спонтано, созревајќи и спознавајќи се себеси. Пред три години слушнав дека има оглас за вработување на пожарникари, но не добив на време информации за огласот, па го пропуштив рокот за пријавување. Но, ете сега повторно имаше оглас, а желбата кај мене е уште поголема. Мислам дека со мојот карактер се пронаоѓам во она што го нуди ова професија и што се бара од неа“, вели Стојаноска.

    „Со години тренирам боречки вештини, сум се натпреварувала во бразилско џуиџитсу, џудо и борење слободен стил. Токму тоа ми помогна без проблем да ги минам тестовите за физичка подготвеност. Но, менталната подготвеност и тимската работа е она што најмногу е потребно во оваа професија и токму тоа беше пресудно дали ќе минеме на интервјуто“,  вели Менка Стојаноска. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Таа кажува дека кога ги доставила документите за пријавување на огласот во Град Скопје, наишла на позитивна реакција. Била единствена девојка меѓу 60 пријавени кандидати. Потоа, сите кандидати требало да минат тестови за физичка подготвеност во кои влегувало качување со надворешна скала, качување со апарат, качување по внатрешни скали и по јаже, пливање, трчање, правење склекови, стоење покрај ѕид.

    „Со години тренирам боречки вештини, сум се натпреварувала во бразилско џуиџитсу, џудо и борење слободен стил. Токму тоа ми помогна без проблем да ги минам тестовите за физичка подготвеност. Но, менталната подготвеност и тимската работа е она што најмногу е потребно во оваа професија и токму тоа беше пресудно дали ќе минеме на интервјуто“, вели Стојаноска.

    Комисијата за селекција на кандидатите одлучила дека Менка ги исполнува условите да биде дел од новите 19 пожарникари на Пожарната бригада.

    „Пресреќна бев кога ми кажаа дека сум поминала, дека се задоволни од мене и од интервјуто виделе дека многу ја сакам оваа професија, а резултатите од физичките тестови ми биле одлични. Свесна сум колку е тешка и одговорна оваа професија, но доволно сум зрела и возразна и ќе дадам сè од себе да бидам успешна. Не сум била во ситуација да видам поголем оган и сигурно нема да ми биде сеедно. Но, знаејќи дека помагаш некому, спасуваш луѓе или нечиј дом кој со години тоа семејство го градело, е она што прави сè друго да се заборави“, вели Стојаноска.

    Таа е свесна дека оваа професија се смета за машка и дека можеби кај некои колеги има сомнежи во неа, но вели тоа нема да ја обесхрабри и ќе ги увери во спротивното.

    „Свесна сум колку е тешка и одговорна оваа професија, но доволно сум зрела и возразна и ќе дадам сè од себе да бидам успешна. Знаејќи дека помагаш некому, спасуваш луѓе или нечиј дом кој со години тоа семејство го градело, е она што прави сè друго да се заборави“, вели Менка. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Можеби кај нас се смета дека пожарникарството е машка професија. Не гледам пречка зашто девојка не може да биде пожарникар. Кога не гледаш препреки и силно сакаш нешто, многу полесно тоа се остварува и околината со тек на време ја прифаќа таа идеја. Во разговори со постарите колеги се почуствував прифатена, сакаат да го пренесат нивното знаење и на сите нови кандидати ни велат едвај чекаме да влезете во смена. Претпоставувам кај некого има и сомнежи, но мене ми останува да ги убедам во спротивното“, вели Стојаноска.

    Таа заедно со 18 нови пожарникари секој ден од 8 до 15 часот се во станицата во Автокоманда, каде од постарите колеги ги учат основите на пожарникарството, опремата, возилата. Од понеделник, кога ќе стартува учебната година, почнуваат со теоретска настава во средното хемиско училиште, а потоа ќе следува практичната обука. На крај, за да ја минат обуката и да добијат сертификат за пожарникар спасител, ќе полагаат тестови.

    „Едвај чекам обуките да почнат, да се уверам дека онаа внатрешна желба што ме натерала да ја одберам оваа професија е вистинска. Како личност сум комуникативна и сметам дека покрај работа на терен можам да помогнам во доближување на професијата до децата и граѓаните, преку презентации и организирање отворени денови. Тоа е важно бидејќи најголем број од пожарите се случуваат поради човечки фактор“, вели Стојаноска.

    Во станицата во Автокоманда на Денот на пожарникарите – 20 Мај, таа и останатите 18 кандидати ќе бидат назначени за пожарникари спасители.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира