СРЕДЕ ВОЈНА, ТЕТОВО БИЛ ВО КАРАНТИН ВО 1915 ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈА ОД ТИФУС

    СРЕДЕ ВОЈНА, ТЕТОВО БИЛ ВО КАРАНТИН ВО 1915 ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈА ОД ТИФУСИако Тетово било поштедено од големи борби и разорувања, неговите жители скапо ја платиле цената на војната со голем број заразени и починати од епидемијата на тифус и други заразни болести кои се прошириле преку заболените војници.-Архивска фотографија од полската болница во Тетово во 1918.

    Во екот на пандемијата на КОВИД-19 и во Тетово се регистрирани првите случаи на заболени од овој вирус. Но, во долгата историја на градот, ова не е прв пат неговите жители да се соочуваат со епидемии. Пустошеле тие низ овие предели во минатото и во поновата историја и додека за дамнешните епидемии малку се знае, за периодот од почетокот на минатиот век имаме многу податоци како тетовци се справувале со епидемиите.

    Историчарот Бранислав Светозаревиќ дојде до мошне интересни податоци кои се забележани во црковните книги на црквата „Свети Никола“ во Тетово, каде детално се евидентирани сите смртни случаи во градот во периодот од 1914 до 1918 година. Меѓу починатите во Тетово во 1915 имало и голем број кои биле заразени од тифус и туберкулоза, а градот во тој период бил ставен во карантин.

    Алиштата се переле во т. н. германски лекомобили – мобилни дезинфекциони апарати. (Архивска фоторафија)

    „Во периодот од 1914 до 1918 година додека во светот траеше Првата светска војна, во Тетово била сместена воената позадина на српската војска каде имало импровизирани воени и цивилни здравствени стационари и болници. Покрај ранетите, во градот се носеле и заболените војници од разни болести. Иако Тетово било поштедено од големи борби и разорувања, неговите жители скапо ја платиле цената на војната со голем број заразени и починати од епидемијата на тифус и други заразни болести кои се прошириле преку заболените војници“, вели историчарот Бранислав Светозаревиќ кој овие податоци ги објавува во зборникот трудови од Шестиот македонски конгрес за историјата на медицината кој се одржа во ноември 2018.

    „Со почетокот на воените дејствија на теренот на Македонија во 1915 година, српската војска се повлекувала во правец на југ преку Тетово-Гостивар-Дебар-Албанија до островот Крф. Уште пред нивното пристигнување во Македонија, во редовите на српската војска во големи размери се проширила епидемија на дамчест тифус кој брзо се проширил и меѓу цивилното население. Епидемијата која започнала да се шири во есента 1914 година, веќе во првите три месеци од 1915 година го достигнува својот врв. Тогаш, покрај дамчестиот тифус се појавила и дезинтеријата, туберкулозата и други заразни болести. Со повлекувањето на српската војска, во 1915 година во Тетово дошла бугарската војска. Таа година во куќата на Имар Хаџи Мемедовиќ, месната воена власт ја сместила воената амбуланта, која како таква се користела сѐ до 1918 година, раскажува Светозаревиќ.

    Најголем сместувачки објект за болните од тифус била тетовската гимназија кој имал капацитет од 50 болнички кревети. (Архивска фотографија)

    По доаѓањето на бугарската власт, поради лошите хигиенски услови, немање соодветен медицински материјал и тешката воена состојба, брзо растел бројот на заболени војници од тифус и туберкулоза. Здравствените работници тогаш Тетово го ставиле во карантин, а во болнички карантин биле претворени и повеќе јавни објекти и приватни куќи.

    Најголем сместувачки објект бил во тетовската гимназија кој имал капацитет од 50 болнички кревети. Таму условите биле многу тешки бидејќи имало голем недостиг од храна, лекови, санитетски материјал, болнички апарати и огрев. Во болницата работел само еден лекар, доктор Тестеридис, а болничари биле повеќе волонтери од Тетово. Покрај оваа болница во градот имало уште 13 објекти со иста намена. Во тие објекти работеле само двајца доктори, Џафер Сулејмани и Томислав Парлиќ, кој ќе заболи и ќе почине од тифус во Гостивар. Џафер Сулејмани како лекар во Тетово работел уште од 1900 година. Медицински студии завршил во Истанбул, а меѓу народот во тетовско станал синоним за народен лекар, одличен дијагностичар и терапевт и уживал огромен углед меѓу овдешното население. Како како лекар работел до 1948 година.

    Според податоците на Светозаревиќ, поради ширењето на болеста во градот биле преземени ригорозни мерки за заштита на населението и сузбивање на епидемијата. Биле формирани три импровизирани подвижни бањи и поставени на три пунктови во градот- кај Долна бања, кај јазот во Горна чаршија и кај месноста Табакница. Секој граѓанин морал да се бања во овие бањи, а алиштата се переле во т. н. германски лекомобили – мобилни дезинфекциони апарати. Оние пак кои биле инфицирани од тифусот се носеле во болниците и карантините. За овие потреби во секое маало бил назначен десетар кој информирал за состојбите на теренот и за заболените. Од 1916 до 1918 година во градот од бугарските здравствени власти дополнително биле ангажирани уште тројца лекари, двајца од Германија и еден од Бугарија. Во 1916 година доктор Џафер Сулејмани бил интерниран во Бугарија.

    „Според некои сознанија на познатиот македонски новинар и тетовец Виктор Аќимовиќ, во тетовските болници дневно умирале 12-15 војници, а во вкупниот број на умрени достигнал меѓу 500 и 600 војници. Меѓу умрените имало и десетици тетовци. Општинските власти биле немоќни да постигнат да ги погребаат сите починати. Мртвите војници до гробиштата се носеле со комунална запрежна кола. Поради големиот број починати војници и недостаток од слободни места на градските гробишта подоцна било решено моштите на починатите војници да се погребаат во заедничка гробница“, вели Светозаревиќ кој, заедно со доктор Маја Заковска, овие настани ги опишуваат и во книгата „Здравството во Тетово и тетовско во 19 и 20 век“.

    Екипа за дезинфекција. (Архивска фотографија)

    Една поцелосна слика за тешката состојба со епидемијата од тифусот и другите заразни болести во 1915 година дава и матичната книга на умрените која се водела во тетовската црква Свети Никола. Во неа се водела прецизна евиденција за тоа што се случувало во градот поврзано со болестите и смртните случаи за време на војната. Меѓу другите лични податоци за умрениот, се бележело и од која болест и начинот на кој тое лице умрело.

    Матичната книга на умрените ја воделе тогашните свештеници во црквата, која во тоа време единствена била во функција во Тетово. Книгата е водена од 02.01.1914 па се до 09.01.1918, и во тој период биле регистрирани 1.668 умрени лица, а од нив 236 починале во 1914 година, 935 во 1915, 229 во 1916 и 268 во 1917 година. Веднаш се забележува големиот број починати лица во 1915. Од податоците може да се види дека најмногу починати имало од заразните болести тифус, туберкулоза, воспаление на градите, дијареа, дифтерија, а најмногу од починатите биле војници. Интересно е и тоа што смртноста од т. н. модерни болести во тој период била многу мала, па така за 4 години од рак починале 4 лица, а од дијабетес само 2 лица.

    „Иако епидемијата од пошироки размери била сузбиена до крајот на 1915 година, тифусот од овие краеви не бил така лесно искоренет па има податоци дека и по 1918 година во регионот сѐ уште имало болни од оваа заразна болест“, вели Светозаревиќ.

    Во овие податоци за смртноста во тој период не се внесени податоците за муслиманското население во Тетово, бидејќи такви податоци тогаш не се воделе.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира