По пет дена возење низ повеќе држави со ,„застава 101“ стара 46 години, струмичанецот Драги Крстев стаса во Лондон. Автомобилот што го набави во Македонија и го стегна за овој потфат ја издржа целата рута без да се расипе или откаже, иако Крстев и совозачот Љубиша Велиновиќ во багажникот носеле цела гајба резервни делови и две кутии алат.
Крстев вели извозеле околу 3.000 километри, бидејќи скокнале до Братислава, Словачка иако не била планирана во рутата. Само што пристигнале во Лондон, со возилото се упатиле пред Бакингамската палата.
„Стасавме синоќа и успеавме да направиме неколку круга со возилото по улиците на Лондон. Бевме и пред Бакингамската палата, официјалното седиште на кралицата Елизабета Втора, иако таму е строго забрането застанување или паркирање но успеавме, а со ‘101’’ го поминавме и преку Тауер бриџ. Чудно им беше на сите што не гледаа со вакво возило, кое го знаат само повозрасните, а посебно оние кои потекнуваат или имаат врска со Балканот. Но во секој случај, си докажавме со Велиновиќ дека може да се извози рутата од Струмица до Лондон со легендарниот ‘сто кец’ кој беше хит за време на Југославија“, вели Крстев кои кажа дека по пат имале и понуди да им го купат возилото.
Со возилото старо речиси половина век, Крстев и Велиновиќ посетиле повеќе културно-историски локалитети низ државите по кои возеле. Секаде привлекувале внимание. Со „101“ биле и во Брисел каде направиле неколку круга и за кусо успеале да го паркираат возилото пред седиштето на ЕУ.
„Бевме во Белград, Братислава, Дортмунд, Франкфурт и Брисел и посетивме некои важни места и знаменитости. ‘101’ го паркиравме пред кралски палати, цркви, базилики па дури и пред седиштето на ЕУ во Брисел. И таму беа изненадени за нашиот потфат, иако пак ќе кажам дека тоа беше само обично патување со возило кое сакав да си го имам и во Лондон каде што веќе 20-тина години живеам“, вели струмичанецот кој потекнува од Ангелци.
Крстев и Велиновиќ од Струмица за Лондон тргнаа во вторникот вечерта со возилото, кое како марка на Драги му била првата автомобилска љубов и му буди огромни спомени. Тој на „застава 101“ ги направил првите чекори во возењето, но и го испекол механичарскиот занает за што во Лондон има свој автосервис.
В. ТРАЈКОВ