СУДОТ ЌЕ ОДЛУЧИ КОЈ ЌЕ ГИ ДОБИЕ 18-ТЕ КОМИТСКИ „НАГАНТ“ РЕВОЛВЕРИ, НАЈДЕНИ ВО КУЌА ВО ВЕЛЕС

    СУДОТ ЌЕ ОДЛУЧИ КОЈ ЌЕ ГИ ДОБИЕ 18-ТЕ КОМИТСКИ „НАГАНТ“ РЕВОЛВЕРИ, НАЈДЕНИ ВО КУЌА ВО ВЕЛЕС18-те „нагант“ револверите калибар 7,62 мм стари 120 години беа пронајдени во куќата на велешкото семејство Ѓоргиеви, кога рушеле дел од стариот објект во месноста Мегдан (Фото: СДК.МК)

    18-те „нагант“ револвери за кои се смета дека се стари 120 години, а кои беа пронајдени  во куќа во Велес на 23 ноември, се на вештачење кое треба да даде одговор за нивната старост, веродостојност и квалитет.  Но надлежните од Велес очекуваат дел од нив да завршат како музејски експонати.

    „Нагант“ револверите калибар 7,62 мм беа пронајдени во куќата на велешкото семејство Ѓоргиеви, кога  рушеле дел од стариот објект во месноста Мегдан. На пиштолите има турски знак на полумесечина. Сопственикот на куќата Иле Ѓоргиев тогаш рече дека револверите биле  одлично сочувани, сите завикани во завои, само еден  бил `рѓосан.

    „Нагант“ револверите ги користела руската царска  војска од 1895, а го добиле името по  белгискиот дизајнер Леон Нагант.

    Градоначалникот на Велес Аце Коцевски побара дел од „нагант“ револверите да бидат оставнина на градот, а Народниот музеј очекува со нив да ја збогати збирката на метално оружје (Фото: СДК.МК)

    „Пиштолите се одземени и предадени на вештачење во МВР.  Во зависност од наодите на вештачењето,  со соодветна пријава ќе бидат доставени до Основен суд  Велес.  Потоа судот ќе одлучува за нивната судбина“, вели портпарол на СВР Велес  Верољуб  Додевски.

    На дел од 18-те револвери  смета и локалната власт и Народниот музеј.  Градоначалникот на Велес  Аце Коцевски побара „нагант“ револверите  да бидат оставнина на градот.

    „Доколку се културно и историско богатство и се стари повеќе од век, сигурно дека добро би дошле во збирката на Народниот музеј“, вели Коцевски.

    Од Народниот музеј велат дека нивната збирка на метално оружје така ќе биде збогатена. Таа неодамна беше конзервирана.

    „Најстарата пушка која ја поседуваме  е од царска Русија во 1839, па руска еднометна  пушка од  1880, пушка од истата фабрика „Токарев“ од 1943.  Имаме пушка „стаер маnлихер М 95“  од австриско производство. Имаме и јатаган од турско, потоа  турска офицерска сабјa производство на прочуениот германски  концерн „Солинген“, вели Марин Клифов, виш кустос во велешкиот музеј.

    Согласно законот, како пронаоѓачи  на револверите и семејството Ѓоргиеви очекува дека ќе добие некој примерок.

    Дека куќата имала значајни  сопственици говори  и тоа што пред  20-тина години, при реновирање на друг дел, била, пронајдена вреќа со куршуми, но  тие биле од пушка,  подлоги, не биле револверски.

    „Куќата татко ми ја купил 1953 од Трајче Попов, познатиот македонски режисер, татко на режисерот Столе Попов. Тие од кого ја купиле нема информации, но според постарите жители, тука во маалото  имало Турци кои по Хуриетот заминале“, вели Иле.

    Според македонските народни песни, овие пиштоли ги користеле и комитите, а со „нагант“ револвер се самоубил и битолскиот војвода Ѓорги Сугарев, на 24 март, 1906 кога бил сардисан од турски аскер во селото Паралово.

    Неговата смрт е опеана во песната „Заплакало е Мариво“ што ја испеја славната Васка Илиева, а во последните стихови се спомнува и самоубиството со „нагант“ револвер:

    Згрмеја пушки, пушки аскерски, крвави,

    сета дружина му ја избија.

    Тогај извади нагант револвер, Ѓорѓи Сугарев

    самиот крвта си ја пролеа,

    самиот крвта си ја пролеа, Ѓорѓи Сугарев,

    жив на душмани не се предаде.

    П. ПЕЧКОВ  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира