ТЕШКО МИ Е ШТО ПЕЕВ ЗА МОИТЕ ДЕЦА И ВНУЦИ КОИ СЕ ИСЕЛИЈА ОД МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ БЛАГА ПЕТРЕСКА НА ФОЛК-ФЕСТ ВАЛАНДОВО

    ТЕШКО МИ Е ШТО ПЕЕВ ЗА МОИТЕ ДЕЦА И ВНУЦИ КОИ СЕ ИСЕЛИЈА ОД МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ БЛАГА ПЕТРЕСКА НА ФОЛК-ФЕСТ ВАЛАНДОВОБлага Петреска доби голем аплауз од публиката во Валандово, но не доби награда. (Фото: СДК.МК)

    Блага Петреска доби голем аплауз на фолк-фестивалот Валандово, кој по 38 пат се одржа сношти во салата „Јанко Узунов“ во Валандово. Петреска вели дека едвај се воздржала да не заплаче кога во студио ја снимала песната „Кој да ми запее“, посветена на младите кои се иселуваат од Македонија.

    „За првпат на Валандово пеев пред 40 години. Ја пеев песната, ‘Раширило оро широко, по селските мегдани’. За жал, по 40 години пеам за празни села без мегдани, без младина, без деца, за места кај што нема кој да заигра оро и да се запее песна. И многу сум тажна, иако мене ме знаат како весела жена. Но, таква е сега ситуацијата, младите си одат, а тоа е многу тешко за родителите и за нас бабите. Јас до вчера жалев за моите деца кои беа во странство, сега жалам за внуките кои заминаа. Едната е во Германија, другата е во Москва“, ни рече Блага Петреска.

    За песната „Кој да запее“, музиката ја напиша Ѓорѓи Барбаровски, текстот е на Миле Барбаровски, а аражманот е на Никола Мицевски. Петреска вели дека кога ја снимала песната во студио била многу возбудена.

    За првпат на Валандово пеев пред 40 години. Ја пеев песната, ‘Раширило оро широко, по селските мегдани’. За жал, по 40 години пеам за празни села без мегдани, без младина, без деца, за места кај што нема кој да заигра оро и да се запее песна“, вели Блага Петреска. (Фото: СДК.МК)

    „Само што не се расплакав. Цело време се воздржував, но ме забележаа соработниците и ми рекоа: ‘Блага, ти не си нешто расположена’. Но, се трудев да се сконцентрирам и да ја донесам песната со вистинска емоција“, вели фолк легендата.

    Досега, таа нема прославено ниту еден музички јубилеј, ниту приватен, затоа што вели дека мрази јубилеи, а по смртта на сопругот, нема желба да славење.

    „Јас мразам јубилеи. Кога полнев 70 години, се подготвувале децата, особено мојата снаа Ана Кондратенко да ми прави јубилеј, но некој ми поткажа дека ангажирале музика да ми свири. Ѝ реков на снаата: Ана, никако не! Без мој Павка, јас веќе не славам ништо“, вели Петреска.

    За музички јубилеј, вели дека уште не добила понуда да прослави со концерт од ниту еден менаџер.

    „Јас цел живот немам менаџер, се грижам за себеси сама, и затоа сум одела полека, но сигурно“,  ни рече Петреска.

    Нејзината снаа, Русинката Ана Кондратенко, е концертмајстор во оркестарот на Филхармонијата. Син ѝ Олег е познат виолинист и професор во виолина. Музичко образование има и ќерката, Оља. Внуката на Блага, Летиција свири виолончело, а во Москва ќе учи за актерка.

    На фестивалот победи дуетот Сузана Гавазова и Љубчо Георгиев, второто место го освоија Благоја Грујовски и Василија Петрова, а трета е Смиља Митровска. Постхумно, награда за животно дело доби Гоце Арнаудов.

    М. ЏАРОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира