УЧЕНИЦИТЕ ГО СПАСИЈА ОД ЗАБОРАВ ТОДЕ ИВАНОВСКИ, БИТОЛСКИОТ УМЕТНИК КОЈ ЈА НАЦРТА БОРБАТА ПРОТИВ ФАШИЗМОТ

    УЧЕНИЦИТЕ ГО СПАСИЈА ОД ЗАБОРАВ ТОДЕ ИВАНОВСКИ, БИТОЛСКИОТ УМЕТНИК КОЈ ЈА НАЦРТА БОРБАТА ПРОТИВ ФАШИЗМОТГенерации израснаа гледајќи ги цртежите на партизанот Тоде Ивановски од Народно ослободителната борба (НОБ) во учебниците по македонски јазик и историја и во лектирите, а потоа, како што одминуваше времето така ги заменуваа со други (Фото: архивски фотографии)

    Во денешните учебници ги нема како порано илустрациите од антифашистичката Народно ослободителна борба (НОБ) нацртани од умешните раце на големиот македонски ликовен уметник и партизан Тоде Ивановски (1924-2005) од Битола. Критичарите велат дека со една линија со молив или туш знаел да наслика цела композиција, па и битка од НОБ. Генерации израснаа гледајќи ги неговите цртежи во учебниците по македонски јазик и историја. Неговите цртежи од НОБ беа едни од најзастапените во учебниците и лектирите, а потоа, како што одминуваше времето така ги заменуваа со други.

    Овој 11 Октомври, наставничката Фанче Јошевска од основното училиште „Елпида Караманди“ покрена иницијатива заедно со нејзините ученици празникот да го посветат на делото на Ивановски (Фото: СДК.МК)

    Но, овој 11 Октомври, наставничката Фанче Јошевска од основното училиште „Елпида Караманди“ покрена иницијатива заедно со нејзините ученици празникот да го посветат на делото на Ивановски. Иницијативата ја поддржа и Сојузот на борци од Битола. Учениците две недели цртаа врз основа на репродукциите на делата на Тоде Ивановски за НОБ. Цртежите ги изложија на Широк Сокак, во близина на споменикот на народниот херој Стив Наумов, соборец на Ивановски. Пред присутните битолчани раскажуваа за биографијата на ликовниот уметник и учесник во НОБ, а читаа и раскази од неговата збирка „Црвениот виор“.

    Учениците две недели цртаа врз основа на репродукциите на делата на Тоде Ивановски за НОБ. Цртежите ги изложија на Широк Сокак, во близина на споменикот на народниот херој Стив Наумов, соборец на Ивановски (Фото: СДК.МК)

    „Ивановски беше човек кој направи многу за македонскиот народ и уметноста. За жал, име кое како и многу други вешто заборавено како резултат на годините кои изминуваат и незаинтересираноста на средината. Ова празнување му го посветивме нему, да го потсетиме овој град дека и не е само Ивановски, туку дека има многу луѓе, многу личности кои за жал, денес и не се споменуваат, а се заслужни за нашата слобода“, вели наставничката Јошевска.

    Тоде Ивановски Беше препознатлив меѓу уметниците во поранешна Југославија по неговата прецизна линија со туш. Само со една линија го доловувал она што сакал да го искаже, чувствата и настаните (Фото: СДК.МК)

    Таа додава дека нејзина цел како наставник е да ги научи учениците од мали да развиваат трајни вредности за она вистинското што претставува темел, а не на вредности кои некој друг ги наметнува.

    Ивановски беше ликовен уметник и педагог, борец за слобода, кој со своето творештво зазема значајно место во македонската современа ликовна уметност. Во НОБ се вклучил во 1941, во Втората македонска бригада, а потоа и во Седмата македонска ударна бригада формирана 1944 во село Зборско на Кожуф. Таму ја запознал и неговата сопруга, исто така партизанка. Семејството на Ивановски, покрај стотиците негови дела што ги чува, има и останати токму од тој период, како и од Февруарскиот поход во кој учествувал и многу често ја цртал партизанската голгота.

    „Беше учесник во Февруарскиот поход. Беше ранет во кичевско, за време на походот, точно во левата рака. Но, црташе и со лева и со десна. Беше прободен низ раката , немаше некои последици, па тоа не му пречеше подоцна. Уште ние кога бевме ученици, цртежите од татко ми секогаш беа во учебниците по историја и по македонски јазик. Лекциите и текстовите беа илустрирани со цртежи на татко ми. Зборуваше преку цртеж и преку изразот на очите и лицето, повеќе отколку вербално што раскажуваше “, вели неговата ќерка Данка Јанковска, инаку долгогодишен новинар од Битола.

    (Фото: СД.МК)

    Беше препознатлив меѓу уметниците во поранешна Југославија по неговата прецизна линија со туш. Само со една линија го доловувал она што сакал да го искаже, чувствата и настаните.

    (Фото: СДК.МК)

    Негови цртежи освен во битолскиот Завод и музеј се изложени и во голем број светски културни метрополи, Ермитаж во Санкт Петерсбург, Третјаковска галерија во Москва, Национална галерија во Лондон, Художествена академија во Софија, Конгресна библиотека во Вашингтон, во Варшава, Прага, Берлин и низ поглавните градови на поранешна Југославија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари