УМЕТНОСТА СЕ СВЕДЕ НА ДЕКОР ЗА СТАНОВИТЕ НА БОГАТИТЕ, ВЕЛИ КАНСКИОТ ПОБЕДНИК РУБЕН ОСТЛУНД

    УМЕТНОСТА СЕ СВЕДЕ НА ДЕКОР ЗА СТАНОВИТЕ НА БОГАТИТЕ, ВЕЛИ КАНСКИОТ ПОБЕДНИК РУБЕН ОСТЛУНДОстлунд има ретроспектива на годинашниот 58. Солунски филмски фестивал, а денеска имаше и мастерклас на кој зборуваше за своето творештво и особено за неговиот последен и најсупешен филм „Квадрат“, сатира за исчовечениот и претенциозен свет на висока уметност кој постои само за привилегираните, односно богаташите, а е тотално без контакт со реалноста

    Специјално од Солун за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина КОСТОВА

    Шведскиот автор Рубен Остлунд, кој годинава освои Златна палма во Кан за „Квадрат“, неговиот петти филм, вели дека пред 13 години со неговото деби „Гитарски монголоид“ сакал да го растури естаблишментот и на сите да им се докаже.

    „Ама, сега откако и самот станав тоа што сакав да го растурам, се плашам некој од помладиве да не ми го земе местото. Никогаш нема мир“, вели 43-годишниот Остлунд, исклучително искрен и отворен човек со особена смисла за хумор, при што не се штеди ни самиот од себепотсмевање.

    Пред вчерашната фестивалска премиера на „Квадрат“ во Солун, ист таков флуоресцентен квадрат има поставено на плоштадот Аристотелус пред киното Олимпион, но тоа овојпат е само како реклама за филмот (Фото: СДК.МК)

    Остлунд има ретроспектива на годинашниот 58. Солунски филмски фестивал, а денеска имаше и мастерклас на кој зборуваше за своето творештво и особено за неговиот последен и најсупешен филм „Квадрат“, сатира за исчовечениот и претенциозен свет на висока уметност кој постои само за привилегираните, односно богаташите, а е тотално без контакт со реалноста.

    „Истражувајќи за филмот бев во Париз на ФИАК, најголемиот саем за уметност, и сфатив дека денеска уметноста е сведена на декор, таа постои само како дел од внатрешниот дизајн за становите на богатите“, вели Остлунд.

    Тој откри дека идејата за филмот е од еден негов социјален експеримент: во еден град на плоштад во Шведска поставил флуоресцентен квадрат, како обележан простор во кој секој кој има мака или потреба може да застане и да бара помош.

    „Не го сметам квадратот за уметничка инсталација, туку идејата ми е тој како обележан простор да стане општествена конвенција – како што за пешачкиот премин има општествен договор дека кога на него газат пешаци возилото треба да застане, така и квадратот да има исто значење, кога ќе видиш човек во квадратот знаеш дека има некаква потреба и бара помош. Оваа идеја наиде на одличен прием кога првпат го поставивме квадратот и сега има такви во 4 градови во Шведска, но не секаде се разви баш успешно“, вели Остлубд и додава: „Сакам самиот да се предизвикувам на разни теми, да видам во кој момент ќе паднам и ќе сторам нешто против мојот морал и етика. Тоа е она што ме интересира и што сакам да го истражам на филм“.

    Пред вчерашната фестивалска премиера во Солун, ист таков флуоресцентен квадрат има поставено на плоштадот Аристотелус пред киното Олимпион, но тоа овојпат е само како реклама за филмот.

    Остлунд раскажа и дека често дубиозните ситуации во неговите филмови се всушност случки од животот на негови пријатели. На  пример, во „Квадрат“ буквално е предадна случката на негов другар кој имал секс за една вечер со една девојка, која инсистирала таа да му го земе употребениот кондом и да го фрли во канта, а откако овој сакал тоа да го стори сам, таа му донела канта в кревет, па почнале да го тегнат кондомот и да се борат кој да го фрли.

    „Не го сметам квадратот за уметничка инсталација, туку идејата ми е тој како обележан простор да стане општествена конвенција – како што за пешачкиот премин има општествен договор дека кога на него газат пешаци возилото треба да застане, така и квадратот да има исто значење, кога ќе видиш човек во квадратот знаеш дека има некаква потреба и бара помош“, вели Остлунд

    „На премиерата дојде со новата девојка, па морал да ѝ ја раскаже случката. Сепак среќен беше што во ’Квадрат’ сцената ја играат првокласни глумци како Клас Бенг и Елизабет Мос“, се смее Остлунд.

    Вели дека снима долго и со многи дублови, оти “стално имам идеја како сакам да изгледа една сцена, но низ снимањето истражувам како да ја реализирам“.

    „Снимам по 70 денови оти ми требаат многу дублови за да ја изделкам сцената. Кај актерите ми е важно да се стават во контекст оти баш контекстот е тоа што го идентификува однесувањето“, вели Остлунд.

    Неговиот дипломски филм во 2002 е документарецот „Повторно семејство“, во кој по 23 години откако се развеле тој ги соочува мајка му и татко му и тие зборуваат за тоа зошто се разделиле. На прашањето дали додека го снимал филмот се надевал дека тие пак ќе бидат заедно, Остлунд вели:

    „Обајцата во тоа време беа самци, па па некој начин се надевав дека ќе се зближат, иако знаев дека тоа е невозможно. Но всушност, најмногу од сѐ сакав да го чујам татко ми како пред мајка ми раскажува зошто се развеле“.

    Со „Квадрат“ на 9 ноември во Скопје се отвора филмскиот фестивал Синедејс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира